На Гугл му пукна филмот, има да собира сè што објавувате на интернет

Дополна на политиката на приватност на Гугл претпоставува дека компанијата ќе може да го искористи целосниот јавно достапен интернет на светот за учење на своите модели на вештачка интелигенција и останати ВИ потреби, кои некако каскаат зад останатата ВИ достапна на интернет.

По ново Гугл го задржува правото да собира се што објавувате на интернет за потребите на своите ВИ алатки. Од Гизмодо објаснуваат „ако Гугл може да ги прочита вашите зборови, тогаш може да претпоставите дека тие сега и припаѓаат на компанијата.“

„Гугл ги користи информациите за да ги подобри своите сервиси и за да развие нови производи, опции и технологии кои се од корист за нашите корисници и јавноста.

На пример, ние користиме јавно достапни информации за да помогнеме во обуката на ВИ моделите на Гугл и да создадеме производи како Гугл транслејт, Бард и Клауд ВИ можности,“ стои во новата политика за приватност на Гугл.

Разликата меѓу овој текст и останатите е што обично компаниите опишуваат како ќе ги користат информациите што ги објавувате на нивните сервиси. Во оваа варијанта наликува како Гугл да го резервира правото да собира податоци од кој било дел од јавниот интернет.

За сега, не сме баш на чисто кои се податоци и информации ги користат компании како ОпенАИ и Гугл за „учење“ на своите вештачки интелигенции.

Периодов две од најголемите бази на корисничка содржина на светот, Твитер и Редит, решија драстично да го ограничат користењето на нивниот АПИ сервис, кој овозможуваше симнување на цела или огромен дел од содржината на нивните платформи, што подоцна потенцијално би можело да се искористи за учење на сервиси како ЧатГПТ или негови варијанти.

5 јули 2023 - 10:40