Радо иде робот у војнике

Маск бара забрана на роботите убијци

Технологијата сама по себе е неутрална но некогаш треба да се повлече линија. Со робот, на пример, тешко е људски да се разбереш, особено ако има пушка во рака и е програмиран да ги потепа сите кои сакаат да се разберат со него.

Првиот човек на Тесла ја предводи листата од 116 експерти од 26 земји од светот кои со свој потпис на петиција до ОН бараат забрана на развој и употреба на автономни оружја и оружени системи. 

Обединетите нации неодамна решија да започнат формална дискусија за овие видови оружја во кои се и дронови, тенкови и автоматски пушки па во пресрет на таа дебата, кремот од експерти за роботика и вештачка интелигенција сакаат навреме да дадат до знаење дека на ова поле мора да се повлече линија.

Во многу области роботите и натаму се само далечна перспектива, но не и во воениот сектор кој е амбициозен, полн пари и секакви мотиви. Нивниот полн влез во воени дејствија веќе не се мери со децении туку со години а според потписниците, тоа ќе значи почеток на третата револуција во војувањето, по барутот и атомските бомби.

„Кога еднаш ќе бидат развиени тие ќе стапат во конфликти со ниво кое до сега не е видено и со темпо кое човек нема да може да го стигне. Тоа може да биде оружје за тероризирање, оружје кое деспоти и терористи ќе можат да го користат против недолжно население и да биде хакирано во секакви правци. Мора да делуваме веднаш; кога оваа Пандорина кутија еднаш се отвори, ќе биде тешко да се затвори“, се вели во петицијата до ОН.

Потписниците бараат ваквите автономни убиствени оружени системи да бидат додадени на листата на забранети конвенционални оружја која е на сила од 1983 година.