Проверка да, државен не

Наш професор од еден дански Универзитет нуди неколку многу пристојни решенија за решавање на тензијата околу државниот испит. Веднаш да ги разочараме оние што со секира би пресекувале секаков проблем, нема тука ништо "спектакуларно". Пристојните решенија секогаш поздразбираат разум, трпение и упорност, работи кои на држачите на секири отсекогаш им биле просто - досадни.

пишува: Петар Поповски, професор на Универзитетот Аалборг, Данска

Во дискусијата т.е. тензијата дали да има државен испит или не, мислам дека тезите од двете спротиставени страни се поставени на начин на кој не може да има компромис. Еве зошто:

Страна 1: Државен испит е потребен, затоа што тоа ќе осигура знаење и квалитет на универзитетите.

Страна 2: Државен испит е неприфатлив, затоа што не е вистинскиот начин да се обезбеди квалитет и, поважно, не постои доверба во институциите што ќе го спроведат.

И двете страни бараат квалитет и знаење (барем така се надевам); проблемот е што Страна 1 вика - ако не се слагаш со оваа форма на обезбедување квалитет, тогаш си против квалитет. Тоа е, најблаго кажано, догма. А ако универзитетите прифатат таква догма, тогаш си ја губат својата основна функција - да формираат профили кои имаат знаење, но и кои знаат критички да ја опсервираат стварноста околу себе. Критиката е основна за секое знаење и наука, во спротивно знаењето не е моќ, туку ноќ.

Во Данска нема екстерно тестирање, но има доверба во институциите. Еве еден директен компаративен пример од оваа година. Во исто време и во Данска и во Македонија се откри листерија. Во Данска ја открија саламата од која доаѓа, ставија клуч на фирмата и немаше понатамошна дискусија околу тоа освен, секако кои превентивни мерки би се презеле кон другите фирми и во иднина. Во Македонија се посочи фирма која е извор на листерија, па се јавија оттаму дека ова им е местенка, дека некој моќник и мисли лошо на фирмата, дека Keyser Soze од The Usual Suspects сакал да ја купи и слично. Штом за една прецизна работа како што е лабораториски тест има политичко-економска расправија, тогаш што останува за една покомплексна работа, како што е проверка на квалитет на универзитетите.

Да се вратам на темата, како до осигурување на квалитет и проверка на знаење. Прво и основно, екстерно и објективно тестирање, како и постојана реевалуација, е нешто со кое постојано се соочува секој професор и истражувач. На пример, кога треба да публикуваме научен труд, го испраќаме во часописот, таму го презема уредник, го праќа на три или повеќе анонимни рецензенти, тие испраќаат мислење и уредникот одлучува дали да прифати да го публикува или не. Слично е и за барање научни проекти. Овој процес се вика "peer review", не е совршен, но е најдобриот што го знаеме и мора истиот да биде применет во евалуацијата на универзитетите за да се запази нивната автономија. Сите професори во Македонија кои активно истражуваат и публикуваат (а ги има многу, спротивно на тоа што Мирка  го вели) се навикнати на тој процес и сигурно немаат проблем да прифатат нешто слично за образовниот процес на универзитетите.

За решавање на проблемот со квалитетот и проверката на знаење, треба најпрвин да се направи детална анализа на целосната универзитетска состојба и врз база на тоа да се направи акционен план. Не сум формално експерт за евалуација на универзитети, ова што ќе го напишам е базирано на некое работно искуство, како и евалуација на истражувачки проекти и центри (за што имам експертиза). Евен мој предлог:

1. Да се формира работна група која ќе направи детална евалуација на квалитетот на македонските универзитети. Во таа евалуација да се земат предвид и анкетирања на работодавачи во Македонија и странство, да се направи анализа на вработливост на кандидатите кои завршиле на одредени универзитети, колку од нив продолжуваат докторати на странски универзитети, и сл. Со тоа ќе се добие слика каде е проблемот со неквалитетот. Мене ме чуди што некои од приватните универзитети упорно ќутат и со тоа го прифаќаат државниот тест, а ако се спроведе како што треба, тие ќе треба први да се затворат (си знаат кои се, а ако не си знаат, нека ги прашаат приватните работодавачи во Македонија). Накратко, таквата работна група треба да излезе со прецизна дијагноза каде е проблемот, наместо да се даваат паушални проценки и да се обвинуваат сите за неквалитет.

2. Врз база на 1, како и врз база на анализа на работни места и потреби од профили, да се дефинира колкав треба да е процентот на запишани средношколци на факултет. Со тоа ќе се ревидира бројот на потребни универзитети, во кои треба да се стават високи критериуми за прием. А тоа дека треба да им се даде шанса на сите - да, ама шансата е прво во средно школо, а потоа може да постојат колеџи и или виши школи за професионално обучување (а не академско). Да не навлегувам во територии што не ги познавам доволно, само накратко да кажам дека висок квалитет на универзитетит нужно повлекува редукција на нивниот број и апсорбирање на другите средношколци директно на пазарот на труд или во некоја професионална обука во траење од 2-3 години.

3. Процесот на вработување на универзитетите да добие поголема транспаретност и објективност со вклучување на надворешни евалуатори на кандидатите. На пример, кога ме бираа тука од вонреден во редовен професор, имаше комисија од тројца за евалуација, од кои двајца беа од земји надвор од Данска. Тој процес автоматски ги евалуира и докторатите кои се под знак прашање, за кои во последно време доста се зборува кај нас. Но, за воља на вистината, тоа не е само кај нас - во Германија се открија плагијати на докторати за многу висококотирани политичари.

4- На крај, и можеби најважно од сè, секој универзитет да има тело за самоевалуација во кое ќе учествуваат странски професори. Телата од сите универзитети во државата треба да формираат некое координативно тело за да ги усогласат начините на самоевалуација, но тоа тело да не биде избирано од министерство за образование, туку автономно. Министерството за образование може да делегира членови во истото, но никако да го бира.

Да заклучам: Проверка на квалитет и знаење мора да има, но базирано на "peer review", со комплетно респектирање на универзитетската автономија. Контролата на квалитет нужно ќе повлече и оптимизирање (намалување) на бројот на универзитети.

15 декември 2014 - 12:16