Гугл е алармантно назад со вештачката интелигенција

Додека се обидуваше да го следи (копира) ОпенАИ, компанијата зад ЧатГПТ, Гугл целосно изгуби чекор со напредокот што опен-сорс заедницата го имаше кај вештачката интелигенција, тврди висок инженер на Гугл во документот наменет за внатрешна употреба на компанијата.

„Многу време потрошивме гледајќи во ОпенАИ. Кој ќе биде следен што ќе има ново достигнување? Што ќе биде следниот потег. Меѓутоа непријатната вистина е дека ние не сме позициониран за да победиме во оваа трка, а не е ниту ОпенАИ. Додека ние се расправаме, трет играч полека ни го јаде лебот. Секако, зборувам за опен-сорс,“ пишува Лук Серно, во документот од април годинава.

Гугл периодов е изразито под притисок да покаже дека знае да направи нешто на тема АИ, по револуционерите успеси што ги имаше ЧатГПТ. Главно стравот е дека нешто слично како што Микрософт неспремен го дочека добата на интернетот, така Гугл е неспремен за добата на вештачката интелигенција, каде до пред само некое време го сметаа за лидер.

Во документот Серно објаснува дека без разлика на успесите на ОпенАИ, вистинската закана за Гугл доаѓа од опен-сорс заедницата чии инженери постојано напредуваат со своите модели кои се на ниво на она што го имаат најголемите технолошки компании.

„Немаме магична состојка. Нашата најдобра шанса е да учиме и соработуваме со други што се вон Гугл,“ пишува Серно, според кого клиентите на Гугл нема да сакаат да платат за АИ моделите на компанијата ако бесплатно имаат идентична високо-квалитетна технологија.

8 мај 2023 - 12:01