Во Германија отворена сезона за паничење за руски гас

Германија ќе мора да го намали, па дури и целосно да го изгаси своето индустриско производство ако Украина не го продолжи договорот за транзит на руски гас преку своја територија кој завршува на крајот од следната година, предупредува германскиот вице-канцелар и министер за економија, Роберт Хабек.

Предупредувањето на Хабек е до политичарите кои според него треба да избегнат да ја направат истата грешка како претходно и да претпостават дека дури и да не преземат никакви мерки за обезбедување на енергетски резерви нема да има штета по економијата.

Тој порачал дека Германија ќе мора да го испочитува договореното споделување на товарот од недостатокот на гас во Источна Европа, што во пракса ќе значи извезување на своите залихи од гас за покривање на потенцијалниот источноевропски минус.

Според Хабек за сега нема сигурно сценарио како ќе се развиваат работите. Тој не може да го гарантира ни завршувањето на планираниот терминал за течен природен гас во северна Германија заради противењето од локалците и еколошките групи.

За време на целото траење на војната со Русија, Украина и понатаму дозволува транзит на руски гас преку своја територија (и наплаќа за тоа) до држави како Австрија, Словачка, Италија и Унгарија.

Минатата недела Центарот за глобална енергетска политика објави извештај во кој тврди дека е малку веројатно дека договорот за транзит ќе биде продолжен по 2024 година, а дека „директни преговори меѓу Украина и Русија околу продолжувањето на договорот за транзит во сегашната атмосфера изгледаат крајно неверојатни.“

15 јуни 2023 - 10:51