Турчинот што полугол скокаше во авионот на Меркел

Германската полиција уапси бодибилдер, по потекло Турчин, кој под дејство на неколку дроги си правел мераци во и по службениот авион на Ангела Меркел.

24-годишниот Вокан Т. бил уапсен со кесичка марихуана и пакетче екстази. Тој успеал да се протне низ обезбедувањето на аеродромот и да се качи на празниот авион на германската влада.

Од кога се качил во авионот, Вокан се соблекол по гаќи, почнал низ авионот да прска со противпожарен апарат, по што им се навртел на копчињата на командната табла и ненамерно ја активирал гумената лизгалка за итни случаи. Откако завршил овој дел, тој се качил на крилото на Ербас 319 и почнал да игра.

Целата галама во германските медиуми е што Вокан ненамерно успеал да го заобиколи целото обезбедување и да се качи на авионот, кој инаку бил оставен со отворена врата од пилотската кабина и резервоар наполнет со 8 тони гориво.

Според извештајот, на полицијата, приватното обезбедување и војниците на аеродромот, им требале 4 часа за да го симнат дечкото од авионот.

Дечкото успеал да влезе на аеродромот откако на стражарот му рекол дека бил поканет на свадба која се одржувала во просториите на офицерите. Од тука тој се прекачил преку бодликавата ограда и преку асфалтот стигнал до авионот. Се качил на левото крило од авионот и од таму преку вратата за итни случаи влегол внатре. Додека си играл со контролната табла тој дури го вклучил и алармот.

Алармот бил активиран во 20:40, меѓутоа дури во 21:54 војниците кренале тревога. Воената полиција пристигнала во 22:16, кога авионот веќе бил опколен ама уште никој немал влезено. Во 23:23 пристигнале скали за влегување во авионот, а во исто време и полицијата со мегафони побарала од Вокан да излезе. Целата работа се средила во 00:16 кога биле донесени полициски кучиња кои помогнале тој да се уапси (со две гризнувања на ногата).

Направената штета се проценува на околу 100.000 евра. Парите се за нов теписон во авионот, нов слој боја за крилото на кое што играл Вокан и нова лизгалка за итни случаи.

20 август 2013 - 20:41