Трамп нема имунитет за 6. јануари

Со едногласна одлука американскиот федерален суд одлучи дека на Доналд Трамп може да му се суди за упадот во Конгресот на 6 јануари, иако во тоа време се уште беше претседател на САД.

Инсистирањето на Трамп дека се уште имал претседателски имунитет судот го прогласи за опасно и неиздржано според Уставот на САД. Според судиите, заканата е дека обвиненијата за кои се товари Трамп („напад без преседан врз структурата на нашата влада“) се закана за демократијата доколку останат вон можноста за кривично гонење.

Ова е една од неколку одлуки кои во текот на пролетва ќе решат дали Трамп својата кампања за претседател на САД ќе ја тера од зад решетки и дали воопшто ќе може да биде кандидиран за реизбор.

Трамп сега ја чека и одлуката на Врховниот суд на САД дали нему ќе му биде дозволено да се врати во Белата куќа заради постапките поврзани со 6 јануари.

Вашингтон пост објаснува дека без разлика што има изгубено неколку случаи, сите овие парници му овозможуваат на Трамп да одложи каква било федерална судска постапка против него до завршувањето на претседателски избори на кои тој е главен кандидат на Републиканците.

Првично, судењето за едно од четирите кривични обвиненија против Трамп беше закажано за 4 март, меѓутоа беше одложено на неодредено време додека да се заврши процесот за утврдување на негов имунитет.

До сега Департментот за правда на САД има пракса според која актуелните претседатели не можат да бидат гонети. Аргументот на Трамп е дека тоа треба да важи и за поранешни претседатели, барем за постапките поврзани со неговите официјални должности додека е на власт, освен ако претходно не е покренат импичмент против него или да е обвинет од Конгресот. Трамп беше ослободен од Сенатот за поттикнување на нападот на Капитол од 6 јануари.

7 февруари 2024 - 10:48