Како да препознаете наркоман во своето дете?

Извесен Протаставрофор Д-р. Александар Мустеников на порталот "Премин" нè почастил со драгоцен текст за тоа како родителите да препознаат дали нивното дете се дрогира. Притоа, за "нормални деца" постојат 11 симптоми, а за овие дрогашиве - што скриени што јавни - дури 28! Во продолжеток, малку читавме, малку коментиравме: 

Текстот што следува е интегрално пренесен, болдираното е наше:

"За да може родител да се бори против злото на дрогата треба да знае да ги препознава симптомите на употреба на хемијски средства на зависност. Треба да знае да ги чита промените на однесување кај своите деца и да знае да ги разликува обичните и нормални промени од симптомите кои укажуваат на употреба на дрога. За дете кое не употребува дрога, следново би било вистина:

1) Ќе можиш да разговараш и комуницираш со него
2) Ке ги знаеш и познаваш неговите другари.
3) Ќе постигнува добри резултати во училиште (додуша, не е лошо и да учи малку а не само да не се дрогира)
4) Ќе биде вклучено и ќе учествува во разни забавни активности надвор од училиштето (а такви има колку сакаш)
5) Ќе се смее и ќе биде вклучено во фамилијата (ако во фамилијата има причини за смеење)
6) Начинот на кој се облекува можеби нема да те бендисува, но алиштата ќе му бидат чисти и уредни. ( - Браво ќерко, овој каиш ти е баш фин.  - Минич е тоа, мамо)
7) Ќе има сили да рече "Не"? (Пример: Да не ти требаат пари? Детето собира сила и вика: Не!)
8) Ќе биде чесно и искрено спрема тебе
9) Расположението е релативно стабилно и нормално.
10) Постојано ќе укажува дека не употребува дрога и дека во нивното друштво нема другар кој се дрогира (со акцент на "постојано ќе укажува", тоа е баш карактеристично за деца)
11) Дека е против дрогата (граматички кусури овојпат не фаќаме)

Ова се генерални показатели кои укажуваат на фактот дека детето не се занимава со дрога.
Знаците и симптомите на деца кои употребуваат дрога обично се камуфлирани со промените кои настануваат во тинејџерските години. Затоа многу родители и кога ќе приметат драстични и чудни промени, имаат впечаток дека тоа е нормално и дека во тој преоден период тоа се реакции на општите психофизички промени. Но треба да се разликуваат нормалните промени од промените кои укажуваат на употреба на дрога. Не смеат родителите да бидат последни кои ќе го сознаат тоа.

Постојат јасни и скриени симптоми кои укажуваат на употреба на дрога.

Скриени симптоми се:

1) Тајност (пример: мастурбирање)
2) Менување на пријателите (ужас!)
3) Промена на облеката и општиот изглед (детето го губи патецот)
4) Зголемена изолација (толку некарактеристична за тинејџери; во понатамошниоот текст "ТНЗТ")
5) Промена на интересот или активностите (одеднаш престанува да гледа Нинџа Желки)
6) Попуштање во школувањето (ТНЗТ)
7) Промена на однесувањето кон домашните (ТНЗТ)
8) Седење навечер доцна или цел ноќ (ТНЗТ)
9) Носење на шишенце со капки за очи за отстранување на црвенилото на очите (Прокулинот како симптом).
10) Откажување од спорт или други занимања (ТНЗТ)

Јавни или сигурни симптоми се:

1) Длабока депресија проследена со спиење по неколку часа (еј, и по неколку часа!)
2) Избегавање на контакти со фамилијата (кога тетки му викаат "Леле колку си пораснал" а тој избегава да продолжи муабет)
3) Зголемено отсусство (бегање) од училиште (кој не избегал од час, нека го фрли првиот неоправдан)
4) Досада додека е дома (тоа е тоа!)
5) Зголемени таинствени телефонирања (што има да се крие?)
6) Почнува да пуше (ако е ова напишано под влијание на хрватскиот јазик, тогаш е единствената точка која има логика: "Почнува да дува")
7) Проблеми со пари (зарем е можно?)
8) Екстремно губење или добивање на килажа (да си биде на свое, најубаво)
9) Дружење со нови и постари деца (секогаш треба со стари и помали)
10) Истерување од школо (ај добро)
11) Насилнички и кавгаџијски однос (ај добро)
12) Слушање на хеви метал музика со содржина за дрога (тоа е тоа!!!)
13) Однесување на изгубеност, дезорентираност (- Сине, кај си? - Тато, дај запали сијалица, не ме работи)
14) Насилнички физички однос кон помалите (кон постарите не важи)
15) Промена на темата ако се праша за дрога ( - Сине, се дрогираш ли? - Тато, ај пиј си тоа ракијата)
16) Поминување долго време на улица или некое место (некое место?)
17) Долги периоди на одење в нужник (ќе се опстипирам од смеење!)
18) Изгорени алишта со дупки (што никогаш не им се случило на тинејџери кои пушат цигари)

Кога овие знаци или симптоми се присутни, тогаш со сигурност детето се занимава со дрога (да потсетиме: долго сере, слуша хеви метал и досадно му е дома). Ова се сигнали кои укажуваат на фактот дека детето не само што почнало, туку зема дрога подолго време (да потсетиме: долго сере, слуша хеви метал и досадно му е дома). Повеќето од симптомите внимателно се кријат за да не интервенират родителите. Но интервенцијата е тоа што треба веднаш да се направи.
Понатаму, ако во ташна или во фијока најдеш огледалце, лулиња, гумено црево, жилети, мали ножички, хартија за цигари, сребрена фолија, упаљач и кибрити (мора ова во комплет или само огледалце е доволно за паника?) тоа се исто така показатели кои укажуваат на фактот дека детето можеби почнало да се занимава и зема дрога. Исто така, ако се примети точки на раката од шприц, носење блузи со долги ракави да не се приметат рацете (рековме, граматички не), исчезнување на драгоцености или скапи предмети, крвави очи, подочнаци, споменување на самоубиство или обид за самоубијство и исчезнување на лекови од домашна куќна аптека, тогаш исто така се работи за знаци кои укажуваат дека детето употребува дрога".

ПОВЕЌЕ

29 октомври 2012 - 09:53