Состојба на постојана револуција

Од Турција до Бразил луѓето излезени на улици му пркосат на солзавецот и ја прескокаат државната цензура, додека државните медиуми станаа единствена публика сами за себе.

Протестите започнуваат за нешто сосема неважно, како парк или небитно покачување на цената на автобускиот превоз, за потоа да се свртат во масовно незадоволство од се и кон се, кон работи кои владата некако сметала дека ги има решено или дека има поддршка.

"На првите протести за цената на автобусите во Сао Паоло имаше можеби неколку илјади млади активисти. Имаше солзавец, запалени барикади, Молотови и полиција за немири, меѓутоа никогаш доволно за да се сопре сообраќајот, кој само минуваше покрај нив. Кога полицијата уапси 60 луѓе, меѓу кои и еден познат новинар, заради тоа што поседуваа оцет (помага во ублажување на болката од солзавец) ја нарекоа Салата револуција. Потоа, минатиот викенд десетици илјади луѓе пораснаа во стотици илјади луѓе, и протестите се раширија во секој голем град," пишува Пол Менсон за Индепендент.

Проблемот во Бразил беше што во спектакуларниот економски раст, имаше и скок на нееднаквоста, корупцијата и постојано се приоритизираше изградбата на инфраструктурата за сметка на јавните сервиси.

"Владата ја продаде идејата дека одржувањето на Светското првенство, расчистувањето на гетата и смирувањето на остатокот со сериозно полициско присуство, заедно со новиот транспортен систем во големите градови, ќе ја комплетира позицијата на Бразил како развиена држава.

Меѓутоа Светското првенство ги цица парите од јавните сервиси, цената на јавниот превоз ги цеди парите од ниската средна класа. А распространетата корупција ја разгневува генерацијата на луѓе кои сето ова можат да го видат и пријават на социјалните медиуми, дури и ако телевизијата го игнорира ова. Ако ова беше само една експлозија таа ќе беше доволен сигнал дека економскиот модел за овие пазари, повеќе нема демократски простор на располагање," објаснува Менсон.

Слична е ситуацијата и во Турција, каде младите и образувани не се задоволни од Владата, заради комбинација на економски проблеми и грижа за сопствената слобода. Некои се жалеа дека и покрај економскиот раст парите одат кај корумпираната елита. Во исто време, во владејачката партија има силно религиозно мнозинство кое се "бори против модерното." Она што беше заедничко за Бразил и за Турција е што и во двете ситуации прекумерната употреба на полициска сила го ескалираше локалниот протест во масовен револт.

"Брзината на ширењето на информациите е важна исто како и акцијата што се превзема. Неверојатно е со колку голема разлика елитите на власт тотално ја губеа секоја информативна војна. Без разлика дали е тоа Грција, Египет, Турција или Бразил вистината е дека тешко ќе добиеш глас во официјалните медиуми освен ако не си дел од групата на власта. Ова создава свест која ја натера египетската телевизија да го игнорира Тахрир, а турската телевизија да ги замени 24-часовните вести со програми за готвење, додека пред нивните канцеларии се водеа битки. Ама ова не успева. Луѓето имаат инстантен пристап не само до зборови, слики и видеа кои доаѓаат од улиците, туку и тие самите можат да ги објавуваат. Како резултат на ова кога ќе почне кризата, количината на комуникација меѓу луѓето, го потиснува кое било количество на информации што државните телевизиски канали можат да го пуштат. И кога е во прашање содржината на 'мемиња' преку кои оваа генерација комуницира, демонстрантите и нивните сојузници одеднаш откриваат дека се што тие си велат еден на друг има смисла, и дека се што елитата се обидува да каже стануваат смешни бесмислици.

Во секој од овие случаи револтот веќе беше таму, вриеше во сајбер просторот. И во секој случај, најголемиот гнев беше околу тоа каков може да биде животот за образуваната младина, а каков тој всушност е. Тие сакаа полиберален, поеднаков капитализам, со градови кои се поубави за живот и со повеќе лични слободи. Ама кој ќе им го обезбеди?" пишува Менсон во својата колумна.

1 јули 2013 - 12:57