Сол на европска рана

Во време кога пискотници за гас и струја се слушаат од Рим до Берлин, Русија на самата северна граница на ЕУ, кон Финска, почна во празно да согорува гас со вредност од 10 милиони евра на ден.

Процените на експерите се дека ова е гасот кој инаку би требало да биде извезуван во Германија. И германскиот амабасадор во Британија за Бибиси изјавува дека Русија го согорува гасот кој не може да го продаде на друго место.

Проблем со ваквото согорување е и тоа што ослободува големи количества јаглерод-двооксид, кој придонесува кон топењето на Арктичкиот мраз.

Анализата на Рајстад енерџи покажува дека дневно Русите горат 4,34 милиони кубни метри гас.

Горењето не е од сега, и Финците уште од почетокот на летото имаат забележано столбови оган кои не се гасат.

Гасот се согорува во новата станица за течен гас Портоваја, на север од Санкт Петерсбург. Портоваја се наоѓа во близина на компресорскста станица на почетокот од гасоводот Северен тек 1, кој носи гас до Германија.

Иако горењето гас е нормална работа кај вакви станици, тука станува збор за значително поголемо согорување од вообичаено.

„Никогаш не сум видел станица за гас толку да свети. Почнувајќи од јуни забележавме голем пик кој не се намали. Остана многу високо,“ ја пренесува Бибиси изјавата на експертката за сателитски снимки др. Џесика Мекарти.

Палењето гас се прави за да не се изгасат погоните преку кои минува гасот, бидејќи нивното повторно палење е проблематично и многу скапо. Друга верзија е дека Газпром имала намера да го претвора гасот во течен гас во новата фабрика, ама имале проблеми заради што најбезбедна варијанта била истиот да се запали.

27 август 2022 - 15:20