Што не кажа Обама

Во изминатиот четвртина век секој американски претседател излегол на телевизија во најгледаниот термин за да и каже на нацијата и на светот дека ќе го бомбардира Ирак. Вчера редот беше на Обама.

"Пред два часа, сојузничката авијација започна напад на воените мети во Ирак и Кувајт," Џорџ Буш, 16-ти јануари 1991.

"Добро вечер. Во текот на денешниот ден им наредив на американските вооружени сили да извршат напад на воените и безбедносните мети во Ирак," Бил Клинтон, 16-ти декември 1998.

"Почитувани сограѓани. Во овој час, американските и коалициските сили се во почетните фази од воените операции за разоружување на Ирак, и ослободување на неговиот народ и одбрана на светот од сериозната опасност," Џорџ Буш помладиот, 19-ти март 2003-та.

"Почитувани Американци. Вечерва, сакам да ви зборувам за она што САД со своите пријатели и сојузници ќе направи за деградирање и последователно уништување на терористичката група позната како ИСИЛ," Барак Обама, 10-ти септември 2014-та.

Њујоркер го анализира говорот на Обама, притоа потсетувајќи дека тој е претседателот кој беше "тврдоглаво решен колку може повеќе да ги извлече САД од војните по 11-ти септември, притоа одбивајќи да биде вовлечен во катастрофалната војна во Сирија."

Обама го почнува говорот во ист стил како и претходните претседатели, објаснувајќи дека неговата одлука немала никаква друга алтернатива. Меѓутоа тој никаде не кажува што е тоа што го предомислило во име на пообемна војна.

До сега бомбардирањето на ИСИС беше по основа на заштита на американскиот персонал во Ирак. Во говорот Обама изјави дека "тој инсистирал дека дополнителната вмешаност на САД во конфликтот зависи од тоа дали Ирачаните ќе формираат инклузивна влада." Баш ваква влада беше составена пред некој ден, заради што можеше да се започне со акција.

Еден од збунувачките делови во говорот на Обама беше тоа што тој не смета дека ИСИС преставува директна закана за националната безбедност на земјата, за потоа да каже дека тој не би се двоумел да нареди напади против ИСИС во Ирак и Сирија, бидејќи: "Ова е главниот принцип на моето претседателство; ако и се заканиш на Америка, нема да има безбедно место за тебе."

Главната забелешка на Њујоркер е дека говорот бил премногу општ на повеќе места:

- рекол дека се советувал со Конгресот, ама не кажал што значи тоа и дали ќе бара нивна поддршка и авторизација.

- сите воени планови што ги зборува се сместени во идно време и се премногу нејасни.

- ги спомна О.Н. ама не дека има нивна поддршка, туку дека ќе одел на состанок во Советот за безбедност за да собере меѓународна поддршка. Никогаш не спомнува дека ќе се обиде да добие резолуција од Советот со која ќе се легитимизира оваа војна.

- зборува за пријатели и сојузници кои би им се приклучиле на САД во Ирак и Сирија, ама не се ни обидел да одглуми дека успеал да собере некаква коалиција. Ама изјави дека ова кога ќе се случи, Америка и нејзините партнери, кои и да се, ќе го уништат ИСИС.

- не објасни зошто би требало ова да успее, кога не успеа уништувањето на Ал Каеда и Талибанците.

- Обама е непопустлив дека овој пат нема да биде повторување на војните во Ирак и Авганистан, туку повеќе ќе наликува на воздушните кампањи во Јемен и Сомалија. Проблемот е што Јемен и Сомалија во моментов не ни наликуваат на држава, и се во постојана состојба на војна на која не и се гледа крајот. Сепак тој призна дека војната нема да биде добиена од воздух, и најави дека Американците ќе зависат од самите ирачки и сириски борци, за кои тој во минатото велеше дека не може да се потпре.

- не кажа со која умерена сириска бунтовничка група планира да започне сојузништво, и зошто ваквото партнерство би функционирало подобро отколку слични сојузништва до сега.

"Претседателот никогаш не ја спомна Либија. Ова беше последен пат кога тој се обиде да учествува во војна понесен од моментот, влегувајќи во неа, од прво како спасувачка мисија за спречување на масакр, што потоа брзо и сериозно ескалираше во поддршка на бунтовничките сили кои едвај ги знаевме, а уште помалку ги разбиравме, со никаква јасна крајна цел освен комплетна промена на режимот, и без никакви дополнителни обврски освен почетната помош на револуцијата. Војната потоа се префрли во Мали, за да се врати во внатрешноста на Либија, за денес земјата да е во апсолутна катастрофа, во далеку полоша состојба отколку во моментот кога НАТО одлучи да почне да помага, а Триполи е во рацете на сили многу слични со ИСИС," пишува Филип Гуревич во Њујоркер.

Одјавата на Гуревич е: "Може само да се надеваме дека тој ќе успее - што и да значи тоа. На оваа годишнина од нападите од 11-ти септември, се сеќаваме на раната која ни ја нанесе Ал Каеда, ама не можеме да заборавиме ниту на далеку поголемата цена на само-нанесените рани кои Америка ги преживуваше во треската која следеше по ова."

12 септември 2014 - 11:03