Ши би сакал Путин да не му почнува војна за време на Олимпијадата

Отворањето на Зимските олимписки игри е на 4 февруари, односно следниот петок. Овој петок пак е крајниот рок до кој САД се обврзаа дека ќе и ги испратат на Русија безбедносните гаранции што ги договараа во Женева.

Иако не на секоја Олимпијада, ама Путин низ годините создаде одредена репутација дека знае пред или по Олимпијадите да ја активира руската воена машинерија.

Во 2008 на денот на отворање на летната Олимпијада во Пекинг, на ужасување на тогашните кинески власти, започна војната меѓу Русија и Грузија, па Путин мораше да го напушти Пекинг за да диригира со воената операција.

Шест години подоцна, неколку денови по церемонијата за затворање на Зимските олимписки игри Сочи 2014, за чија организација Русија потроши (и покраде) рекордни 50 милијарди долари, започна операцијата за отцепување на Крим од Украина.

Запрашан околу односите меѓу Путин и Ши, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјавил дека Путин ќе го брифира кинескиот претседател за тоа што се случува меѓу Русија и НАТО. Во исто време, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, запрашан околу можноста за руска инвазија во претстојните денови, изјавил дека Пекинг се залага „за балансиран и правичен третман на безбедносните прашања“ повикувајќи ги сите страни „да ги решат своите разлики преку дијалог и консултација.“

Предупредувањето од аналитичарите е Западот да не се надева многу на кинеските апели, бидејќи „Путин не може да ги жртвува стратешките интереси и безбедносната на Русија, за неговиот сосед убаво да се чувствува, дури и ако тој е високо почитуван и стратешки важен.“

Како што објаснува Татјана Становаја од Р.Политик, ако Путин верува дека преговорите со САД не постигнуваат ништо „тогаш тој ќе влезе во Украина без разлика на какви било барања од Кина.“

24 јануари 2022 - 13:14