Како чистите енергии толку брзо станаа толку евтини?

Сомнежите околу тоа ги пренесовме (види: Париз против конференцијата во Париз), но да пробаме и со нешто позитивно. Чудна работа се случи оваа 2015-та година; за првпат можеме да бидеме оптимисти околу климатските промени. Во некој друг, подобар свет, тоа би била вест на годината, наместо заебанциите и пиздариите низ светов.

Оптимизмот не мора да се должи на климатскиот самит во Париз кој најверојатно ќе биде оценет како успешен, ниту пак на фактот дека човештвото најверојатно нема да ја премине критичната доза од плус 2 целзиуса просечно што би довело до опасни глобални последици. 

Оптимизмот го носи фактот дека обвновливите енергии кои се единствените кои влеваат надеж за подобри времиња на планетава, последниве години драматично поефтинија. Последните извештаи велат дека во некои региони нивната цена веќе станува конкурентна на стандардните  извори. Ако на последниве им се додадат и здравствените трошоци кои ги предизвикуваат, тие веќе се поскапи од сонцето и ветерот.    

Само пред 4 години, најоптимистичните прогнози велеа дека соларната енергија ќе падне на 50 центи по ват дури во 2030-та година. Денес, 15 години порано, таа веќе е околу 60 центи/ват.

"Големата слика за климата сè уште е депресивна, но за првпат во мојот живот можам да видам дека човештвото почнува вистински да се бори," вели климатскиот експерт Дејвид Робертс кој пишува за Вокс.

Бумот во користењето ветар и сонце се всушност два различни бума. Приказната со ветерот е слична на развојот на автомобилската индустрија и се темели на иновациите. Кај сонцето пак, ситуацијата е слична како со достапноста на ви-фито, ни станува лесно и едноставно.

Се разбира, своја улога имаат и скорешните американски и европски регулативи за демотивирање на ископот на јаглен како и големите инвестиции на Кина и третиот свет во чисти енергии (види: "Кина ги шие САД...")

Ветерот во последниве 5 години стана многу поевтин од две главни причини: конкуренцијата ги направи турбините поевтини а истовремено денешните турбини се далеку поефикасни од претходните. Можат да бидат повисоки за да ги фаќаат посилните воздушни струи, имаат поголеми ротори со што зафаќаат поголем воздух и не се расипуваат као некогаш.

Кај соларните панели се работи за масовност, што повеќе има нешто, толку подобри стануваме во тоа. Полисиликонот, клучниот материјал за фото-волтажни ќелии некогаш чинеше 400 долари за килограм, денес се набавува за 15 долари. Падната е и цената на инвенторите а и самата инсталација на еден кров, која некогаш одземаше еден ден, денеска се изведува за еден час. 

Да ги заокружиме добрите вести со најавата на Индија за соларната алијанса од 120 држави како и обврзувањето на САД и уште 18 богати земји да одвојат 20 милијарди долари за истражувања на обновливите енергии.