Јадете риба додека има

The World Wildlife Fund го објави годинешниот извештај за тоа како луѓето се однесуваат со планетата. Во него, посебно се истакнува мапата на тема - риби.

Количината на риба што се лови секоја година е порасната од 19 милиони тони во 1950-та, на 87 милиони тони во 2006-та, пред се благодарејќи на напредните техники за ловење.

Најзагрозена од сите видови риба за кои е дозволено комерцијално ловење е туната, чија популација во одредени делови на светот е намалена за 90%. Според едно неодамнешно истражување објавено во журналот Science, резервите на комерцијална риба се на добар пат комплетно да "колабираат" до 2048.

Најголем проблем е што луѓето ја јадат рибата со многу побрза стапка отколку што таа може да се обнови, што пак неповратно влијае на целиот екосистем во океаните и морињата.

"Наменскиот лов на некои од најголемите водни предатори променија цели еколошки заедници, зголемувајќи ја достапноста на помалите водни животни во пониските тропски нивоа. Ова пак има влијание на развојот на алгите и на коралите," стои во извештајот.

Во извештајот се нагласува дека сегашните човечки навики за консумација не се одржливи. Во основа ние консумираме една и пол Земја годишно, со тоа што систематски "позајмуваме" од идните резерви, (како што е со рибата), нешто слично како што се случи со банкарскиот крах, кога луѓето трошеа пари кои ги немаат.

Колку да ни биде раат душата, да се пофалиме дека рибарите што ние ги познаваме на никој начин немаат придонесено за намалување на светскиот рибен фонд. Дури и го имаат збогатено преку константно товење со мамци, кои никогаш не си ја завршиле работата.

21 мај 2012 - 14:14