За спортистите на ЗОИ 2022

Глејте си снегот, баталете човекови права

Спортистите што ќе учествуваат на Зимската Олимпијада во Пекинг ќе треба да извагаат што им е полесно: да поќутат дур се во Кина или да најдат кој да ги вади од кинески затвор.

„Нема многу заштита што мислам дека ќе им биде пружена на спортистите. Молкот е соучество и затоа сме загрижени. Па ги советуваме спортистите да не зборуваат. Сакаме да се натпреваруваат и да го користат својот глас кога ќе се вратат дома,“ изјавил директорот на групата Глобал атлет, Роб Келер.

Советот е во согласност со правилото 50 од Олимписката повелба, според која „никаков вид на демонстрација или политичка, религиозна или расна пропаганда не е дозволена во која било Олимписка арена, локација или други места.“

Предупредувањето од Хјуман рајтс воч, е дека „кинеските закони се премногу општи околу прекршоците за кои луѓето може да се гонат за слобода на говор. Луѓето можат да бидат обвинети заради кавги или провокации. Има секаков вид на прекршоци кои можат да бидат припишани на мирољубиви, критички коментари.“

Спортистите се предупредени да припазат и на приватноста, па неколку држави ги советуваат спортистите да не ги носат своите мобилни уреди во Кина. Пред некој ден беше откриено дека кинеската апликација направена за мониторирање на здравјето на учесниците не го енкриптира преносот на лични податоци на корисниците, што остава можност тие да бидат пресретнати и украдени.

Олимпијадата почнува на 4 февруари.

20 јануари 2022 - 12:18