Германија има три месеца да се извади од криза, почнувајќи од сега

Се гаси улично осветлување, базени не се топлат, цели градови ја гасат топлата вода за туширање, претседателската палата во Берлин веќе не е осветлена, а општини низ земјата подготвуваат „центри за греење“ на кои луѓето би можеле да се загреат за зимоска да не измрзнат. Сè ова само за да се забави празнењето на резервите со гас за зимоска. И сè може да е задоцнето.

Додека остатокот од Европа се пржи на топлотниот бран, германските власти со мислите се длабоко во следната зима и дали и како ќе може да ги подмири потребите за природен гас, на кој, на пример, се грејат половина од домаќинствата во земјата.

Критиката за Шолц и владата е дека предолго се влечкале со преземање мерки околу потенцијалната криза, и дека дури неодамна го објавиле планот за штедење, откако не успеале да обезбедат алтернативни извори на енергија.

Очекувањето е дека Кремљ ќе продолжи да ја држи испораката на гас за Европа на минимум, заради што ќе продолжи и немаштијата.

„Кратко откако владата на Шолц дојде на власт, десетици новоизбрани политичари во неговата коалиција на Социјал демократи, Зелени и Слободни демократи, сметаа дека муабетите за ризиците за снабдување со гас на Германија се теорија на заговор, ама тогаш ги видоа фактите: резервите во тоа време би траеле околу 10 дена ако настапи студот.

Ова беше почетокот на соочувањето со реалноста. Со децении, германското раководство предводено од Шредер и Меркел тврдеше дека блиските односи со Русија се предност, а не слабост... Размислувањето беше дека ако Русија не го прекинала снабдувањето за време на Студената војна, тогаш нема да го прекине ни во случај на конфликт со Украина.

Меѓутоа како што Европа се префрлаше кон обновлива енергија и се откажуваше од фосилните горива што Русија ги обезбедува, функционерите ја потценија подготвеноста на Путин да ја искористи предноста додека се уште ја има,“ пишува Блумберг.

Освен студот, паниката е дека енергетската криза ќе предизвика и социјални немири во земјата. Иако во иста позиција со Франција околу гасот, предноста за Париз е што може да смета на дефектните нуклеарни реактори за колку толку да го надополнат производството на електрична енергија, за разлика од Берлин кој беше многу експедитивен и темелен во гасењето на своите нуклеарки.

Во случај ни една од мерките на владата да не успее, вклучително и рестартирањето на електраните на јаглен, владата има овластување да прогласи вонредна состојба во која ја презема контролата врз дистрибуцијата на гас и одлучува кој ќе добие гориво а кој не.

Добрата вест за Германците е дека домаќинствата и критичната инфраструктура со закон се заштитени од гасење на струја / греење, лошата вест е што нема гаранции на која температура ќе се држи греењето.

Анализите покажуваат дека Германија нема да успее до 1 ноември да ги наполни резервите до 90%, колку што беше процената дека ќе биде неопходно за земјата да ја мине зимата без проблеми. Моментално резервите се на 65%.

Дури и да се спасат граѓаните од студот, уште од сега е јасно дека голем број фабрики меѓу кои и гиганти како БАСФ ќе мора да затворат заради блесаво високата цена на гасот.

ММФ проценува дека Германија би можела да изгуби 4,8% од својот економски производ ако Русија ја запре испораката на гас, додека Бундесбанк штетата ја проценува на 220 милијарди евра.

Крајниот и најлош исход од ова би било тоа што „кратко по ова ќе следува структурна загуба на конкурентноста.“

Еден од алармите што Берлин го пропушта е дека пред војната германската филијала на Газпром која поседува околу 20% од германските капацитети за складирање гас, пред почетокот на минатата зима не почна со полнење на своите капацитети, „под носот на Европа се појави предзнак за подготовките за искористување на енергијата како оружје“ од страна на Русија.

Една од жртвите што ја направи Германија е прекинувањето на процедурата за пуштање на Северен тек 2 заради почетокот на војната во Украина, што Русите го наведуваат како една од главните причини за намалената испорака на гас до Германија и Европа.

Сега Германија се надева дека остатокот од Унијата ќе и помогне во преживување на зимата, и ќе го испочитува договорот за кратење на потрошувачката на гас за 15% кои би требало да завршат голема работа во зимските месеци.

3 август 2022 - 14:39