Британија ќе депортира и украински бегалци во Руанда

Од првичното дека депортации „едноставно нема да се случат“ сега британскиот премиер изјави дека украинските бегалци кои нелегално ќе влезат во Британија би можеле да бидат испратени во Руанда.

Во истиот говор во кој порачува НАТО и Г7 да не прифаќаат „лош мир“ во конфликтот меѓу Украина и Русија, Борис Џонсон за прв пат потврди дека и украински бегалци кои нелегално влегле во Британија, ќе бидат депортирани во Руанда заедно со африканските бегалци кои нелегално влегуваат во земјата.

„Единствените околности во кои луѓе ќе бидат испратени во Руанда е ако нелегално влезат во Британија, и со тоа ги поткопуваат безбедните и легални рути што ги имаме воведено.

Мислам дека даваме 130.000 визи за Украинците и тие имаат најмалку две многу добри рути за доаѓање во нашата држава.

Меѓутоа ако влезеш тука нелегално, ги поткопуваш сите што престојуваат легално. Па се плашам дека одговорот е веројатно да, во теорија и тоа може да се случи. Ама мислам дека е малку веројатно,“ изјавил Џонсон.

Повеќе домашни критичари тврдат дека Британија прима помалку украински бегалци по глава на жител отколку најголемиот дел од Европа.

Руанда бегалската шема што ја создаде британската влада предвидува депортирање на сите и секакви нелегални мигранти од Британија во Руанда и таму да им почне постапка за добивање азил или трајно населување во Руанда. Планот не предвидува опција за враќање на депортираните бегалци во Британија.

За ова Британија на Руанда ќе и плати 120 милиони фунти, плус секој еден мигрант ќе го финансира со меѓу 20 и 30 илјади фунти.

Првиот лет со бегалци од Британија во Руанда беше одложен во последна минута.