Британија избра да ја напушти ЕУ

Со 52 наспроти 48 проценти од гласовите британскиот народ на референдумот избра напуштање на Европската Унија, резултат кој Гардијан го опишува како најголем пораз на естаблишментот во изминатите децении. По поразот на референдумот, во утринското обраќање британскиот премиер поднесе оставка.

Во Англија резултатот е 14,9 милиони за напуштање, наспроти 13 милиони гласачи за останува во ЕУ (Лондон со 60-40 е единствениот регион во Англија кој гласаше за останување во ЕУ). Велс исто така гласаше за напуштање со 854 илјади за, и 772 илјади против напуштањето. Шкотска очекувано гласаше за останување во ЕУ со 1,6 наспроти 1 милион од гласовите. Исто е и во Северна Ирска со 440 илјади наспроти 350 илјади во корист на останување во Унијата.

Како што почнаа да се појавуваат првите резултати во корист на напуштањето, така почна да паѓа и вредноста на фунтата која изгуби 9% од својата вредност и стигна на најниско ниво што го имала во однос на одредени валути од 1985 година.

Додека Камерон во своето обраќање поднесе оставка на функцијата премиер, првиот човек на УКИП, Најџел Фараж, уште ноќеска го прогласи петок за британскиот "ден на независност" и изјави дека референдумот бил "победа за вистинските луѓе, победа за обичните луѓе и победа за луѓето со достоинство."

Иако во четвртокот Камерон беше поддржан од 84 про-Брегзит пратеници да остане премиер без разлика на резултатите, околу 50 од нив не го потпишаа ова писмо.

По процедура, сега премиерот треба да одлучи кога да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, кој ќе и даде на Британија две години за преговарање на повлекувањето од ЕУ. Откако ќе се активира членот 50, земјата не може да биде примена во блокот без согласност на сите земји членки.

Со ова Британија станува првата држава што ја напушта ЕУ од нејзиното формирање. Гласањето не значи инстантно заминување од блокот, туку процесот се очекува да трае најмалку 2 години, а и самите побороници за Брегзит очекуваа дека повлекувањето нема да биде завршено до 2020.

24 јуни 2016 - 08:06