Многу му го начукаа:

15 години затвор може да изгледаат - далеку

Шефот на некогашната тајна полиција на Пиноче доби затворска казна од 15 години. Ајде, ајде, се издржува тоа, ќе рече човек. Ако не знае дека истиот веќе служи затворска казна од 490 години.

Првото парче казна да мине речиси половина милениум во зандана (да даде Господ здеравје) Мануел Контрерас го има заработено за тешки злосторства против човештвото, како прв човек на озлогласената служба Дуна на поранешниот чиелански диктатор Аугусто Пиноче.

Вториве 15 години му се додадени деновиве заради убиството на еден брачен пар во 1974-та година. За истиот случај осудени се уште четворица агенти на Дуна.

За време на 17 годишното владеење на режимот на Пиноче биле убиени, киднапирани или исчезнати околу 3.000 луѓе а 28.000 луѓе биле измачувани во апсаните на Чиле.

Самиот Пиноче кој почина во 2006-та на 91 годишна возраст, никогаш не беше одведен на суд за злоделата сторени за време на неговото владеење.

Не знаеме дали Контрерас може да се надева дека со добро поведение, вкупната затворска казна може да му биде преполовена.