Доктор Мирослав Радман: Да не го изгубиме здравиот разум на селаните

Разговорот за Слободна Далмација не го прифатил „од прва“ туку дури кога му го нафрлиле прашањето: Дали наспроти силниот технолошки и секаков друг напредок на човештвото, во борбата против коронавирусот, науката не ја покажа сета своја немоќ?
-  Немојте да претеруваме. Не „сета своја немоќ“. Има од тоа уште.

Доктор Мирослав Радман е прочуен биолог и член на хрватската, француската, европската и светската академија на науките. Отворено зборува за пандемијата, за вирусот, за погрешниот општествен склоп и систем на вредности, за тоа што тој би направил кога би се прашувал....

Мирослав Радман: Постои јака негативна корелација меѓу економската, научната и технолошката развиеност на земјите од една, и здравствениот и економски ефект на коронавирусот, и мене тоа ми боде очи. 

Денес се тежнее кон што поголем број тестирања, поголем број места во болниците, нивната опременост... сето тоа го имаат Швајцарија, Америка, Германија, Англија или Франција, многу повеќе од нас, а состојбата им е полоша од Африка.

Можеби проблемот е банален: едноставно, корелација со густината на населението, бројот на старите луѓе и слично, но тогаш требаше темелно да ги обработиме тие транспортно-демографски корелации па да имаше помалку конфузија. 

Како испадна дека назадноста и сиромаштијата подобро се носат со проблемот на коронавирусот? Мене тоа ме копка бидејќи значи дека нешто во културата не чини и дека да се продолжи со инвестирање во неуспех нема смисла.

Кога во светот гласаме, гласаме за циркуси и циркузанти, а не за проекти и одговорни и компетентни луѓе. Мене ме копка и тоа што владее менталитетот на „борба против болеста“, а не борба за здравјето. Никому не сакам да му солам памет, но, мораме да одгатнеме зошто не сме посреќни во нашето изобилие.

Мислам дека ги пуштивме пазарот и технологијата да мислат наместо нас а тоа тие никако не го можат, бидејќи немаат ни мозок ни душа ни разум ни етика. Ние сме тие кои мораме да мислиме со своја глава и да решиме како ќе ги употребуваме технологиите.

Се работи за тоа што слободно и демократски, практично ја аутсорсиравме нашата судбина на често некомпетентни циркузанти (така е особено во „развиените“ земји), а политичката коректност па уште и бара од нас да бидеме „позитивни“ и задоволни од тоа.

Во таква ситуација, ситуацијата со коронавирусот ни стави прст во око. Веќе три децении, ни големиот капитал (сè до Бил Гејтс) ни државите не инвестираа во дијагностика и вакцинација, бидејќи тука нема големи финансиски ќарови како што е случај со терапиите. Не ѝ се чудам јас на етиката на капиталот, но им се чудам на европските влади кои абдицираа пред банките.

Кога ги спомнувате Швајцарија или Америка, таму најдоброто здравство исклучиво беше резервирано за најбогатите. Колку тој пристап сега се покажа како погрешен, кога болеста не бира а лек уште нема?

- Пари или живот? Изгледа дека единствено пред смртта сите сме еднакви. Да се потсетиме на еден податок од пред 30-тина години: сиромашната Куба, изолирана од светот, имаше значајно подолг животен просек на своите луѓе од богатата Америка.

Ќе додадам уште еден податок: пресметав дека во последните половина век, во светот благородно се инвестирале неколку илјади милијарди во биомедицински истражувања, со цел спречување и лечење на болести поврзани со стареењето (разни форми на рак. кардиоваскуларни и други дегенеративни болести како дијабетес и слично). На тоа работеа милиони лекари, научници и техничари.

Освен хируршки технологии, резултатот е безначаен, ни една позначајна болест од неколку стотини болести кои се причина за 90% од смртноста во развиените земји, денес не е излечива.

Како тоа денес многу се ретки оние кои се осмелуваат да ја дијагностицираат здравствената состојба на медицината и биомедицинските истражувања? Или како тоа сеге мене, додека разговарам со вас, напамет ми паѓа автоцензурата „пази што зборуваш, Радмане, зашто нема денар да добиеш за своите истражувања, макар биле најдобри“?

Демократија и корпоративизам. Тоа ме нервира. Но, ако веќе сум решил да настапам јавно, тогаш минимум од мојата лична етика е да бидам искрен, макар не испаднал во право, за да го сочувам достоинството.

Се плашам дека сето ова мириса на раѓање на тн. еусоцијални општества, какви што се мравките и пчелите а кои извонредно ги имаат опишано Џорџ Орвел и Олдос Хаксли. Да се трампа слободата за сигурност.

Ваша девиза е дека во битката со коронавирусот главно оружје ќе биде здравиот разум а не технологијата. На кој негов дел мислите и кај кого?

- Здравиот разум вели дека кај ковид-19 нема ниту една клиничка новост. Ќе опишам површно како тоа изгледа, иако не сум лекар, туку само биолог. Вирусот или бактеријата го напаѓа нашиот имун систем и настанува бојно поле. Нашиот имун систем ја убива или бактеријата или нашите сопствени клетки кои го произведуваат вирусот.

Во случај со вирусни инфекции, треба да се убијат сопствените клетки кои после почетната инфекција, се претвориле во фабрики на вирусот. Во таа борба настанува воспаление, како на секое бојно поле и овде е крш и лом а на биолошкото бојно поле остануваат големи лузни кои се викаат фиброза. Во случајот со ковид -19, заради трупање на оштетени протеини и лешеви од мртви клетки, некрозата е во белите дробови, што доведува до губење на нивната функција, размената на кислород и јаглерод диоксид и доаѓа до гушење.

Се поставува прашањето дали ќе се бориме против вирусите или против нивните последици од кои всушност се умира? Слично беше и со бактериската туберкулоза и цел низ вируси.

Да не се тестираше и да не му се дадеше име, па ова сега не би го ни забележале! Во 2010 во Франција, свинскиот грип зема меѓу 17 и 20 илјади животи на дедовци и баби, главно на југот на земјата каде живееја убаво и во мир. Претпоставувам дека и вие и другите за тоа слабо знаете, па и во самата Франција се дигнаа само неколку гласови.

Значи, нашиот проблем е стареењето, а ковид-19 е негов мал детал. Денес нè има стари многу повеќе отколку пред 100 години. Тогаш да се имаат 70 или 80 години беше луксуз, што значи дека како деца не умреле од разни инфективни болести, туку доживеале старост за да можат „фино“ да заминат од некој рак или мозочен удар. Се работи за слабеење на организмот, за дегенерација на животните функции.

Но, коронавирусот, според достапните податоци, не е исклучиво врзан за старата популација туку ги напаѓа и младите, луѓе во ек на силата, па дури и деца.

- Коронавирусот дава вистински пример на инфективна болест поврзана со стареењето: младите полесно се заразуваат но немаат потешки последици, додека старите се заразуваат потешко но последиците често се фатални.

Што е тогаш по вас решението?

- Јас веднаш би инвестирал во добра исхрана, во добро спиење, во јакнење на сопствениот имунолошки систем. Освен тоа, би требало да се размислува како опасните бактерии и вируси да се „припитомат“, наместо постојано да сме во некоја војна со нив. Нашиот организам биолошки има припитомено бројни бактерии и вируси, херпес симплекс, на пример. Мене не ме занима болеста, мене ме занима здравјето, и како истражувач и како практичен човек. 

Што би ѝ советувале на Хрватска?

– Да е Хрватска моја фамилија, јас веднаш би инвестирал во земјоделството во Славонија, за да бидам подготвен за иднината и да се заштитам од стампедото, кое не го сочинуваат јадни пациенти туку гладни луѓе. Од друга страна, луксузно би инвестирал во истражување на стареењето. Тоа е причина за сите болести кои нè мачат и убиваат, вклучувајќи го релативно бенигниот коронавирус во споредба со фаталноста на ракот и дегенеративните болести. 

Значи, што повеќе производство а што помалку паразитски непродуктивни активности. Тука туѓа памет не ни помага бидејќи ја нема.

Вие живеете на релација Франција - Хрватска. Една соговорничка од Холандија деновиве ми кажа дека во овој момент попрво би била во Загреб отколку во Амстердам, со оглед на тоа како таму се носат со кризата.

- Да. Па јас побегнав во Сплит од ЕУ глупости. Уште подобро би било сега да се биде во Африка. Ако ништо друго, барем имаат искуства со епидемии. Купуваат на отворени пазари. Зошто кај нас не им се дозволува на луѓето да ловат риба на отворено и да ја продаваат? Зошто луѓето се праќаат во затворени супермаркети да купуваат осредна до лоша увезена храна? Но, генерално, ние направивме помалку грешки од развиените, ама, можевме и помалку.

Може ли науката да нè изненади и пред оној рок од 18 месеци да најде вакцина?

– Најглупавото нешто што можам да го направам е да предвидувам. Затоа нема, бидејќи дури и примената на науката е непредвидлива, а камоли самите откритија. Се разбира, во 2030-та година ќе зборуваме како во 2020-та не сме знаеле ништо.

Најголемиот капитал кој треба да го добиеме од науката, во кое било време, е квалитетното размислување. Како професионалци за критично и креативно размислување, научниците би требало да бидат важен ресурс за општеството. Но, сите се претвораат во менаџери. Најважно е во процесот дa не го изгубиме здравиот разум на рибарите и селаните, кои имаат преживеано токму поради својот разум и труд.

И општеството кое го создаваме е еволуирачки организам од органи-институции на кои ние им стануваме сè поанонимни станици. И од природата и од општеството треба да се чуваме од грабливци и паразити кои, неспособни за продуктивна работа, немаат друга опција туку да се хранат со трудот и животите на другите.

5 април 2020 - 22:26