Почина жената за која не постоеше примирје

На 80-тина години живот почина жената која преку три децении секојдневно протестираше пред Белата куќа. Каузата за која се залагаше сè уште е жива. Засега.

Консепшн Пичиото, која протестираше пред Белата куќа повеќе од три децении, почина во засолниште за бездомници во Вашингтон. Се верува дека имала 80 години.

Нејзиното мирно демонстрирање се смета за најдолгиот протестен чин во американската (а веројатно и не само во американската) политичка историја, а нејзината единствена цел била „да го сопре светот од самоуништување".

Во Вашингтон Кончита била контроверзна фигура. Нејзините колеги-активисти ја славеле како херој, восхитувајќи ѝ се на нејзината посветеност, но други ја сметале за нетокму. Жена која со години протестирала заедно со неа вели дека вистината некаде е на средина; си имала Кончита проблеми со главата но тоа не е причина нејзината посветеност и упорност да не предизвикува восхит.

За нејзиниот живот пред 1960 кога се преселила во САД не се знае многу. Во новата татковина работела како службеник во шпанската амбасада, се омажила со Италијанец и заедно посвоиле ќерка. Но семејните проблеми и одземањето на детето кое следело веројатно ги поттикнале нејзините психички проблеми и желбата да се придружи на нешто што ќе му даде смисла на нејзиниот живот.

Во 1979 го запознала Вилијам Томас, самопрогласен филозоф и мировен активист кој отворил протестен камп на Авенијата Пенсилванија. Таа, Томас и неговата жена биле редовни во кампот 25 години. Најголемо достигнување им било кога во 1993 нивна петиција за нуклеарно разоружување стигнала до когресменка која се обидела да ја поднесе за гласање на десетина седници. Безуспешно.

Без оглед на формалниот неуспех, луѓето издржале и топлински удари, и снежни бури и навреди од минувачите, и конфликти со полицијата. „Засолништето" е вклучено во туристичките обиколки на градот, а е и тема за дискусија на локалните факултети. Кончита и пријателите се појавуваат на кратко во „Фаренхајт 9/11" на Мајкл Мур, како и во друг документарец „Пророштвата на авенијата Пенсилванија" од 2011.

Во 2012 Пичиото била удрена од автомобил додека возела точак. Од тогаш млади активисти го одржувале местото, но таа сепак доаѓала, макар и на неколку часови дневно. „Морам да бидам тука", велела, „ова е мојот живот".