Паметник без споменик

Норвешка го обелодени планот за меморијален споменик посветен на жртвите од најстрашното масовно убиство во модерната западна историја. Поводот е и ужасен и сè уште свеж за паметникот да се оцени како прекрасен, но, прекрасен е.

Минаа три години откако Брејвик ладнокрвно уби 77 главно млади луѓе и Норвешка сака да ја обележи оваа трагедија, незапамтена во нејзината историја.

Концептот за паметникот е на шведскиот уметник Јонас Далберг (кај нас би рекле: Аха, странец да лапа пари!) кој не со архитектонски туку со сосема поинаков потег извлекол маестрална порака.

Тој планира дел од островот Утоја на кое беше извршено злостоврстово да го пресече и да го одвои од остатокот како би создал јаз што е силна порака за бесмисленоста на чинот и ефикасно ја доловува вербата дека лудилото не му припаѓа на човештвото.

Јавните паметници не се баш лесен предизвик. Ако се премногу бомбастични или патетични, можат да го отуѓат посетителот, ако се минимални или апстрактни можат да еманираат празнина и отсуство на порака. Јонас Далберг успеал да создаде перфектен баланс, без ниедна градежна инсталација да го смени изгледот на островот засекогаш и на посетителите да им остави простор сами да се справат со човечката потреба и да се памти и да се заборави.