Мислите меѓу Трамп и Хилари е гадно?

На секој иборен циклус, кога ќе забревтаат изборните машинерии а страстите ќе почнат да вријат, нормален човек добива чувство дека се допира дното и дека "никогаш вака на било". А било. Не е од вчера констатацијата дека политиката е иста како правењето кобасици.

Oние кои мислат дека низ дебатите на Трамп наспроти Клинтон американската политика доживеала до сега невидено дно треба малку повеќе да прочепкаат низ историјата. Претседателските кандидати се имаат меѓусебно плукано уште од времето на основачите на американската нација, а целиот 19 век е политичка борба во која преовладуваат тешки навреди, жесток расизам, верска нетолеранција и удари под појас.

1800: Џон Адамс наспроти Томас Џеферсон

Еден од таквите антологиски политички судири се случувал во 1800-та помеѓу претседателот Џон Адамс и кандидатот за истата позиција, Томас Џеферсон. Во американската политика во тоа време партиите биле помалку важни, а и самите кандидати ретко се појавувале лично, главно потпирајќи се на сојузници и платеници да ја вршат валканата работа.

Еден од нив бил човек по име Џејмс Т. Календер, шкотски имигрант најмен од Џеферсон, кој во памфлет под наслов „Иднината пред нас“ го опишал Адамс како „грозен хермафродитски лик, кој ниту ја има силата и одлучноста на еден маж, ниту пак нежноста и сензибилитетот на една жена“.

Ова не значи дека и во тоа време секој можел да каже сè. Таканаречениот Sedition Act пропишувал дека е незаконски да се повикува на бунт против властите. Така Календер завршил во затвор, а бил ослободен дури откако Џеферсон ја презел функцијата.

Џеферсонијанците се плашеле дека Адамс сака од Америка да направи некаква копија на британската монархија, а Федералистите пак биле убедени дека Џеферсон ќе ги отвори границите за странски радикали и ќе ја репресира религијата. Претерувале. Што се однесува на пример до религијата, двајцата имале речиси идентични верски погледи, а биле и блиски пријатели. Нивната врска траела уште четврт век - умреле на ист ден, 4 јули 1826.

1828: Ендрју Џексон наспроти Џон Квинси Адамс

Втора валкана кампања во САД се случувала во 1828, помеѓу Ендрју Џексон и Џон Квинси Адамс, тогашниот претседател. Поддржувачите на првиот го нарекувале Адамс „макрото“ заради гласините дека тој во текот на неговиот амбасадорски мандат во Русија му наоѓал придружнички на царот, а пак поддржувачите на Џон Квинси ги нарекувале Џексон и неговата жена „полигамисти“ затоа што тие се зеле пред да стапат во сила разводите од нивните претходни партнери. Мајката на Џексон пак била претставена како проститутка, а самиот Џексон како убиец, предавник и ментално нестабилен. Жена му пак на Џексон, Рејчел, умрела среде кампањата, најверојатно од срцев удар, не можејќи да го издржи сиот притисок. „Попрво би била вратар во куќата на Бог отколку да живеам во палата во Вашинтгон“, им изјавила претходно на пријатели. На нејзиниот гроб и денес пишува: „Нежно суштество, доблесно, кого клеветите можеби го ранија, но не можеа да го обесчестат“.

1860: Абрахам Линколн и Стивен А. Даглас

Во времето на овие двајца, политичките митинзи повеќе изгледале ко панаѓур со многу пиење и тепање отколку на некаков организиран настан, заради што Линколн избегнувал директно соочување со јавноста. Затоа, кога еден од четворицата кадидати, демократот Стивен А. Даглас најавил дека ќе патува од Чикаго во Њу Хемпшир за да ја посети болната мајка, медиумите почнале да ги острат моливите. Даглас држел говор секогаш кога возот ќе застанел за вода и јаглен. Опонентите тогаш гласно го навредувале, дека е „мамино синче“, „малиот Стивен кој си ја бара мајка си“. Тој пак од своја страна ги убедувал гласачите дека Линколн сака да дозволи белци да се женат со црнци, црни да можат да учествуваат во пороти, да имаат и други еднакви права, да гласаат и да имаат бели слуги. Сето ова предизвикало ужас во заедниците на белците.

И покрај сè, Линколн станал претседател со 1,87 милиони гласови, 500,000 повеќе од неговиот опонент Даглас.

1872: Улис С. Грант наспроти Хорас Грили

Во овој период демократите биле толку поделени што никој „нормален“ не сакал да биде номиниран. Но Грили бил необична и ексцентрична фигура, носел долго бело палто и имал неуредна коса, и како таков бил многу податен за карикатури и генерално исмевање. За беља бил и вегетаријанец, што во тоа време бил уште еден знак за неговата сомнителна психолошка состојба. Републиканците за него пишувале дека „има перверзен табиет и е подложен на ласкање“, што го правело несоодветен за високата функција.

Како пророштво се покажала една карикатура во Харперс Викли, на која Грили е прикажан на носилка, како поразен го враќаат дома. Неколку дена пред изборите и една недела по објавувањето на оваа карикатура жена му на Грили умрела од туберкулоза, а нејзиниот маж заминал по неа еден месец подоцна, не дочекувајќи го пребројувањето на гласовите.

30 септември 2016 - 10:10