Дебели, до дишењето било

Каде исчезнува салото кога слабееш?

Лаичката теорија е дека вишокот излегува како пот. Мнозинската теорија меѓу докторите е дека го претвораме во топлина и енергија. Последната студија објавена во Британскиот медицински журнал, тврди дека го издишуваме.

Заклучокот на студијата на Универзитетот од Нов Јужен Велс, е дека кога слабееме 10 килограми сало, 8,4 килограми се претвораат во јаглерод диоксид, кој се испушта додека дишеме, а 1,6 килограми во вода, која ја исфрламе преку урина, пот и други телесни течности.

Автор на студијата е Рубен Мирман, физичар кој се заинтересирал за биохемијата на слабеењето откако ослабел 15 килограми, ама ниту еден доктор не можел со сигурност да му каже каде отишле вишокот килограми. Мирман анкетирал 150 доктори, нутриционисти и персонални тренери.

Над половина од одговорите биле дека салото се претворало во топлина или енергија, што на Мирман како физичар му е јасно дека е спротивно на Законот за зачувување на масата (дека масата на еден затворен систем ќе остане постојана со текот на времето, без разлика на процесите кои се одвиваат во системот).

Заради ова тој започнува соработка со Универзитетот, во која ја пресметуваат биомолекуларната реакција на слабеењето. Резултатите покажуваат дека за комплетно да разложиме 10 килограми масти, ние треба да вдишеме 29 килограми кислород (и да истрошиме 94.000 калории).

Tие посебно нагласуваат дека резултатите од студијата не треба да се сфатат дека може да седиш дома, длабоко да дишеш и да слабееш, туку потребно е вежбање за да се ослободи јаглерод диоксидот за да ги разложи мастите.

10 септември 2015 - 11:02