Во урнатините на меркелизмот

Ерата на Меркел беше карактеризирана од длабокиот копнеж за стабилност. Сепак нејзиниот мандат ја доведе Германија до сегашниот период на нестабилност. Време е да се напушти меркелизмот, пишува Дирк Курбјувајт во едиторијалот на Шпигел.

Иако може ќе мине уште некое време пред Ангела Меркел да се откаже од власта, веќе е јасно дека сме влезени во последната фаза на меркелизмот. Оваа форма на владеење беше доминанта во Германија во изминатите 12 години. Таа го цени консензусот, тишината и стабилноста повеќе од сè останато. Затоа лидерите на меркелизмот прават сè што можат за да избегнат судири и да му удоволат на гласачот. Природната средина на меркелизмот е политичкиот центар, каде желбата за општествен консензус е најголема токму затоа што центарот верува дека тој е отелотворение на консензусот. Никакво внимание не се посветува на политичката периферија. 'Рбет не е задолжителен а политиките се флуидни - па дури можат да бидат позајмени и од политичките противници.

Германија, неспорно, има профитирано од меркелизмот. Земјата елегантно ја мина глобалната економска криза а економијата просперираше. Без разлика на ова, Меркел никогаш не можеше да се натера себе си да презема значајни реформи бидејќи ако го направи тоа ќе ги кренеше луѓето што пак ќе ставеше крај на задушувачката тишина. За жал, демократијата исто така почна да еродира по малку бидејќи несогласувањата се во нејзината срж - натпревар меѓу различни позиции. Најмрачниот симптом на овој тип владеење беше желбата за ниска излезност на изборите бидејќи партијата на Меркел, конзервативните христијан-демократи, се сметаше дека ќе профитираат од тоа.

Сега меркелизмот е во состојба на криза бидејќи два важни предуслови повеќе не се исполнуваат. Прво, тој бара социјална клима во која е возможен општиот консензус. И, по самата своја природа, тој исто бара Меркел да е силна.

Долги години, во Германија постоеше фундаментален консензус. Меркел концептот на поспаност масовно успеваше - па дури и глобалната финансиска криза, која се покажа дека не е најголемата криза за време на нејзиното владеење, не можеше да ја подели земјата. Меѓутоа тој мир конечно заврши како последица на бегалската криза во 2015 - конфликт кој ја донесе крајно десната популистичка партија Алтернатива за Германија во парламентот, ги подели луѓето на Меркел, ги дистанцираше Слободните демократи од Зелените и создаде јаз меѓу централно-левите Социјал-демократи и делови од конзервативците. Оваа поделба сега минува точно низ политичкиот центар и широката периферија која се појави на десно со која не е возможен никаков консензус.

И навистина, големата иронија на нашето време е дека меркелизмот влезе во криза затоа што ги наруши сопствените принципи. Канцеларката всушност се осмели да се бори за својата позиција во врска со бегалците и тоа вознемири дел од земјата.

Ова доведе до слаби изборни резултати на демо-христијаните на Меркел и како последица на тоа страдаше власта на Меркел. Луѓето станаа свесни дека таа најверојатно ќе владее уште две до три години. Ова ги охрабри нејзините потенцијални наследници. Џенс Спан од ЦДУ отворено ја предизвика канцеларката критикувајќи ги нејзините бегалски политики и гласно испитувајќи ја нејзината желба да оформи влада заедно со централно-левите Социјал-демократи.

СПД и ФДП сега се дистанцираат од нејзе. И двете партии научија од искуство дека меркелизмот живее само благодарејќи на цицање енергија од другите. Кај секој од нив имаше пад на поддршката од гласачите секој пат кога беа дел од коалиција со Меркел. Сега пост-Меркел ерата е она на што тие размислуваат. И тие сакаат да си ја осигураат најдобрата можна позиција кога за тоа ќе дојде време.

Последната фаза од секоја ера обично е обележана со префрлање на вниманието кон иднината. И тоа е лошо за сегашноста. Германија моментално страда од недостаток на стабилна власт - и дома и во странство. Конзервативците, СПД и ФДП немаат правец.

Во меѓувреме, меркелизмот е во урнатини. Целта на меркелизмот беше да се смири земјата, меѓутоа нејзините позиции околу бегалците, и последователното губење контрола, наместо тоа доведе до вознемирување. Тој бараше стабилност по речиси секоја цена, меѓутоа ја турна земјата во еден од најнестабилните периоди. Најголемиот проблем на меркелизмот, од неодамна излезе дека е токму самата Меркел. Сега таа е поврзана со крајот - а не со новиот почеток.

Дали Германија ќе заврши со реприза на сегашната коалиција или со малцинска влада, најголемиот дел од вниманието ќе остане посветено на крајот на ерата на Меркел. А нестабилноста што ова ќе ја креира, оваа комбинација на политичка парализа со борба за власт, ќе биде пролонгирана со години.

Меѓутоа дали е ова неопходно? Ако Меркел е толку поврзана со стабилноста, тогаш на неа треба да и биде јасно дека земјата воопшто нема да има корист ако таа ги постигне или надмине рекордните 16-години власт на Хелмут Кол. И Меркел треба да почне да ја замислува иднината на политиката во Германија - иднина без Меркел.

Дирк Курбјувајт

19 декември 2017 - 09:33