Трамп ја истера нормализацијата меѓу Србија и Косово само за Израел

Договорот не е „историски напредок“ туку само уште еден нож во грбот на палестинскиот народ, се оценува во текстот на Ал Џезира.

На 4 септември, по години неуспешни преговори, премиерот на Косово Абдула Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ потпишаа договор за „економска нормализација“ на церемонија во Белата куќа чиј домаќин беше американскиот претседател Доналд Трамп.

Користејќи ја церемонијата како можност да го зацврсти својот имиџ како „дил-мејкер“ за време на изборната кампања, Трамп го нарече договорот „голем напредок“ во проблематичните односи меѓу двете ек-Ју држави.

Неколку недели подоцна на кампањата во Северна Каролина, Трамп уште еднаш го пофали договорот како „историски“ додавајќи дека е „сигурен“ дека ваквиот развој ќе помогне тој да добие Нобелова награда за мир. „Ставаме крај на масовните убиства меѓу Косово и Србија. Тие толку многу години се убиваат. Тие ќе престанат да се убиваат.“

Во реалноста, војната во Косово заврши пред 20 години. Во ниту една од овие држави денес не се случуваат „масовни убиства“. Иако тензиите меѓу Белград и Приштина се уште се големи, договорот на Трамп не нуди никаков пат кон политичка нормализација. Па, имајќи предвид дека тој „не ги спречи убиствата“, што постигна американскиот претседател како резултат на неговите „миротворни“ напори на Балканот?

Уште кога Косово прогласи независност од Србија во 2008, младата држава се мачеше да биде пошироко меѓународно признаена. Едвај нешто повеќе од половина од членките на О.Н. го признаваат Косово за независна држава, додека голем број влади се уште сметаат дека Србија легитимно полага право врз Косово. Конфликтот меѓу Косово и Србија не е нов. За време на Југославија, а потоа и Србија, косовските Албанци страдаа од различни форми на репресија, од обиди за колонизација на почетокот од 20-от век до етничко чистење во 1990-те. За време војната во 1999, НАТО силите, предводени од САД, ја присилија српската војска да се повлече. Најголемиот дел од косовското население беше раселено а илјадници загинаа како резултат на војната.

Заради активната улога што Вашингтон ја играше во ставање крај на српските напори околу Косово, САД се смета за незаменлив сојузник на државата. Во сегашната политичка клима, иднината на Косово е поврзана со нејзините односи со американската Влада. Посебно заради фрагилната позиција на Приштина на меѓународна сцена, дипломатијата на земјата речиси цело време е поврзана со онаа на САД. Како амбасадорка на Косово во САД, Влора Читаку, минатата година изјави „Косово секогаш ја следи американската позиција.“ Токму затоа критичарите на ваквиот однос, како и противниците на независноста на Косово, често пати ја опишуваат Приштина како клиентска држава на САД.

Договорот на Трамп за нормализација нуди зголемена економска соработка меѓу Косово и Србија, посебно во областите на транспорт и инфраструктура. Тоа исто така бара и двете држави да ја унапредат соработката на теми како исчезнати лица, бегалци и внатрешно раселени лица од војната во Косово.

Сепак договорот не иницира никаква значителна политичка промена. Белград се уште одбива да ја прифати независноста на албански мнозинското Косово и тврди дека тоа е дел од Србија. Ваквиот статус-кво на никој начин не е оспорен во договорот на Трамп. Преку договорот, Србија се согласува да ја прекине својата кампања за одвраќање на други држави во нивната намера да го признаат Косово - но само во рок од една година. За возврат Косово се воздржува од аплицирање за членство во меѓународни организации. Ова ја отежнува понатамошната интеграција на Косово во меѓународната заедница. Меѓународната изолација на Приштина беше еден од централните проблеми со кои државата се соочува од почетокот на својата независност.

На кратко, договорот не отвара никаков простор за нормализација. Како што Трамп најверојатно знае, длабоко вкоренетите тензии во регионот не можат да бидат решени со површни економски договори потпишани во Белата куќа. Меѓутоа администрацијата на Трамп има други причини за славење на договорот како „голем напредок“.

Договорот на Трамп за нормализација меѓу Косово и Србија може не направи многу за промената на статус-кво на Балканот, меѓутоа вклучува неколку клаузули кои служат на пошироките геополитички интереси на администрацијата на Трамп и нејзините сојузници.

Со договорот, на пример, и Косово и Србија ветија дека ќе забранат користење на 5Г опрема од „недоверливи производители“, или дека ќе ја отстранат таквата опрема ако веќе ја имаат поставено. Иако клаузулата не ја спомнува директно Кина, јасно е дека таа е во корист на напорите на Вашингтон да се истурка Хуавеи надвор од Европа.

Уште поважно, договорот доаѓа со неколку обврски насочени кон одржување на израелската супериорност во западна Азија и легитимизирање на постојната окупација на Палестина. Откако го потпишуваат договорот за нормализација, и Косово и Србија се согласија да го признаат Ерусалим како главен град на Израел. Србија исто така вети дека ќе ја пресели својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим. Косово во меѓувреме изјави дека ќе отвори свое претставништво во Израел во Ерусалим, а Израел, речиси веднаш, го призна Косово на денот кога договорот беше потпишан.

Исто како и со скорешните договори за „нормализација“ со Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, Трамп ентузијастички ги промовираше одлуките на Косово и Србија за нормализирање на односите со Израел како важен чекор кон мир на Блискиот Исток.

Тој на Твитер напиша: „Уште еден голем ден за мирот на Блискиот Исток - муслимански мнозинското Косово и Израел се согласија за нормализирање на врските и воспоставување дипломатски односи. Одлично! Наскоро ќе следуваат уште муслимански и арапски држави!“

Секако, ниту Србија или Косово не се на Блискиот Исток, и - како и Бахреин и Емиратите - ниту една од овие држави никогаш не била во директен судир со Израел.

Со тоа што имаат дипломатија порамнета со американските интереси, Косово одамна се обидува да го привлече вниманието на Израел. Фактот дека Палестинците и Косоварите имаат слични искуства со опресијата и етничкото чистење и понатаму е игнорирано во овие дипломатски констелации. Наместо тоа, токму израелскиот колонизаторски режим служи како извор на идентитет за косовската жестоко про-американска политичка елита. Пред договорот за Трамп, и Израел и Палестина одбиваа да го признаат Косово, главно заради нивните врски со Србија.

По договорот, двете екс-Ју држави ќе видат првите европски држави со амбасади во Ерусалим. Одлуката беше критикувана од Европската Унија.

Овој потег ќе претставува финализација на екстремно придвижување на идеологијата. СФРЈ, некогаш беше основач на Движењето на независните и активен поддржувач на палестинското ПЛО. Југославија ги раскина своите односи со Израел во 1967. Од распаѓањето на Југославија во 1990-те, сите нејзини ново независни држави дадоа силна поддршка за колонијалниот режим на Израел.

Со новиот договор, Србија и Косово исто така се согласија да го сметаат либанското движење на отпорот и политичка партија, Хезболах, како терористичка организација. Хезболах, кој беше демократски избран во либанскиот парламент, нема никакво присуство или какви било врски со Србија и Косово.

Не е за изненадување што договорот на Трамп беше поздравен од израелската влада, која доби дополнително признание за своите колонијалистички политики на Блискиот Исток. Договорот беше критикува од палестинските власти.

И покрај тврдењата на Трамп, договорот за економска нормализација меѓу Србија и Косово тешко дека е „историски напредок“ во нестабилните односи меѓу двете балкански нации. Тој, како и да е, е голем успех за Израел, и, како што беше случај со договорите за нормализација на Трамп меѓу Израел и земјите од Заливот, уште еден нож во грбот на палестинскиот народ.

Денијал Јегиќ,
Ал Џезира

28 септември 2020 - 12:45