Идеологот Трамп?

Историчарите може ќе го памтат Алек Болдвин како најкорисниот сојузник на Трамп, откако неговите имитации на американскиот претседател во СНЛ го претворија Трампизмот во фарса, ослепувајќи ги противниците кон сериозноста на неговата идеологија, пишува директорот на Европскиот совет за надворешни работи, Марк Леонард.

Не дека Трамп е прв политичар од кого излегла пародија, туку проблемот е што веќе постои тенденција неговите политики да не се сфаќаат сериозно.

"Формата на овие политики - растроени Твитер тиради, лажење во лице, расистички и сексистички испади, и директен непотизам - се толку бизарни и одбивни за бирократската класа што тоа може да ја засени суштината.

Дури и оние кои сериозно го сфаќаат Трамп не успеваат да дојдат до коренот на Трампизмот. Демократите се толку гневни кон неговиот сексизам и ксенофобија што не успеваат да сфатат како тој се поврзува со голем број од нивните поранешни поддржувачи.

Што се однесува до републиканскиот естаблишмент, тие се толку желни да имаат 'републиканец' во Белата куќа кој имплементира традиционални конзервативни политики што прават превид на елементите од неговата агенда кои на глава ги превртуваат нивните закоравени позиции,"  пишува Леонард.

По процена на Леонард, во целата бука и бламирање што ги приредува Трамп, лесно е да се игнорираат неговите обиди за создавање идеолошка основа за Трампизмот, "ама тоа што Трамп не е идеолог не значи дека тој не може да биде проводник за нова идеологија."

"Британскиот политички естаблишмент оваа лекција ја научи на потешкиот начин. Со години, конзервативците и либералите го потценуваат Тачеризмот. Тие не успеаа да видат дека зад нејзината руса коса и пискав глас стои револуционерна политика која ги одразува и забрзува фундаменталните социјални и економски промени.

Тачер, како и Трамп, не беше филозоф. Меѓутоа таа и не мораше да биде. Таа само требаше да привлече луѓе способни за рафинирање на идеологијата и политичките програми кои подоцна ќе го носат нејзиното име. И таа токму тоа го направи...

... Има силни паралели меѓу доцните 1970ти и сегашноста. Како што Тачер го препозна растечкото незадоволство со стариот поредок и им даде глас на идеите кои овенуваа на маргините, така Трамп призна и, до некаде, ја ослободи болката и гневот на голем дел од работничката класа на која и прекипе од одамна етаблираниот систем.

Исто како Тачер, и Трамп привлече идеолози подготвени и волни да го дефинираат Трампизмот за него. На чело е Стивен Бенон, поранешниот извршен директор на Бреитбарт, ултра-националистичкиот дом на расистичката алт-десница, кој сега служи како главен стратег на Трамп," пишува Леонард.

Она во што фундаментално се разликуваат Тачеризмот и Трампизмот е што целта на вториот е да го збрише неолибералниот консензус околу нерегулираните пазари, приватизацијата, слободната трговија и имиграцијата кои го сочинуваа првиот, "но дури и ако идеите се различни, тактиката е иста".

31 март 2017 - 18:03