Путин мисли дека победува

„Сè оди по планот“. Ова е изјава на Владимир Путин. Војната во Украина е во својот петти месец и тоа што крајот не се гледа, може да е истоштувачко. Меѓутоа високи функционери на Кремљ продолжуваат да повторуваат дека Русија, која добива превласт на украинскиот исток, ќе ги постигне сите свои цели.

Ова може да е тешко за верување. Сепак Русија беше присилена да се повлече од Киев, искуси неколку воени назадувања, се соочи со санкции со неверојатен обем и е под масовна меѓународна осуда. Да се нарече успех таква серија на проблеми и директни неуспеси може се случи само во корист на пропаганда, хипокризија, па дури и себезалажување.

Меѓутоа тоа е она во што Кремљ изгледа дека верува. Над две децении внимателно ги следам зборовите, однесувањето и одлуките на Путин, оформувајќи сеопфатна слика за калкулациите на претседателот. Базирано на неговата јавна реторика и политички потези и неформални дискусии со инсајдери, јас бев во можност да ги осознам - колку што тоа е возможно - контурите на сегашното размислување на Кремљ. Тоа што е многу јасно е дека кон крајот на мај, Кремљ дојде до цврст заклучок дека на долг рок го добива конфликтот. И Путин, за разлика од првите хаотични месеци, сега има јасен план.

Составен од три главни димензии, планот наликува на еден вид стратешка руска кукла. Секој негов аспект се вклопува во другиот, и води кон големата шема која е далеку над Украина а сепак се базира на нејзе. Може да звучи екстремно навредливо, и секако покажува колку Путин не е во допир со реалноста. Меѓутоа за Западот, кој се колеба меѓу конфронтација и помирување, е важно да го разбере целиот обем на надежите на Путин додека истиот тој Запад продолжува да ја оценува својата улога во одбраната на Украина од руска агресија.

Најмалите, најпрагматични и достижни цели се однесуваат на руските територијални амбиции во Украина. Откако не успеа уште повеќе да навлезе во украинска територија во првите неколку денови на војната, Русија итно ги снижи своите амбиции, откажувајќи се од идејата за освојување на Киев. Сегашната, пореалистична цел изгледа е контрола на Донецк и Луганск - кои Кремљ ги гледа како освоени само е прашање на време кога, став кој е засилен од руското освојување на Луганск - и копнениот коридор кој обезбедува пристап до Крим.

За оваа цел, со минимална геополитичка тежина за Кремљ, Путин верува дека времето е на негова страна. И можеш да видиш зошто. Западната воена поддршка ги покажа своите ограничувања, додека Вашингтон сигнализираше дека не е подготвен на ризикот да го предизвика гневот на Путин со тоа што ќе ги премине црвените линии. Неговите први закани за пристапување кон нуклеарно оружје изгледа се земени предвид: Западот нема директно да интервенира, ниту ќе и помогне на Украина до точка која би довела до руски воен пораз. Денес, и покрај сите тврдења за спротивното, конвенционалното мислење на Западот е дека Украина нема да може да ги освои областите окупирани од руските сили. Кремљ изгледа дека верува дека порано или подоцна Западот целосно ќе ја напушти оваа идеја. Украинскиот исток тогаш ефективно ќе биде под руска контрола.

Следната цел изгледа е фокусирана на присилување на Киев да капитулира. Тука не се работи за окупираните територии, туку за иднината на преостанатата територија на Украина - нешто што има далеку поголема геополитичка важност. На практично ниво, капитулацијата ќе значи дека Киев ги прифаќа руските бараш кои би можеле да бидат сумирани како „де-украинизација“ и „русификација“ на земјата. Ова ќе подразбира криминализирање на поддршката за националните херои, преименување улици, пишување нови учебници по историја и гарантирање на населението од руско говорно подрачје доминантна позиција во образованието и култура. Целта е, на кратко, Украина да се лиши од правото да изгради сопствена нација. Власта ќе биде заменета, елитите протерани а соработката со Западот прекината.

Оваа цел секако звучи фантастично. Меѓутоа за г-дин Путин таа исто така изгледа неизбежна, иако можеби ќе треба подолго време за да се постигне. За една или две години, до кога Кремљ очекува дека Украина ќе биде истоштена од војната, неспособна нормално да функционира и длабоко деморализирана, условите за капитулација ќе созреат. Тогаш, пресметките на Кремљ се, дека елитите ќе се поделат а опозицијата која ќе бара ставање на крај на војната ќе се обедини за да ја собори администрацијата на Зеленски. Нема да има потреба Русија воено да го освои Киев; тој сам ќе падне. Путин очигледно не гледа ништо што би можело да го спречи.

Има голема дискусија за тоа што е вистински поважно за Путин во војната: да го спречи НАТО да се прошири до прагот на Русија, или неговите царски амбиции за зголемување на руската територија и анектирање на барем дел од Украина. Меѓутоа овие две прашања се испреплетени. Како што Украина се приближуваше кон НАТО и конфликтот во Донбас стигна до безизлезна ситуација, Путин стана уште поопседнат со земјата. Тој гледаше земја за која веруваше дека историски и припаѓа на Русија која сега е падната на колена пред најголемиот непријател на Русија. Како одговор, украинската територија стана мета паралелно со - но не наместо - конфронтацијата со НАТО.

Ова нè води до третата стратешка цел на Путин во војната против Украина, и геополитички најважната од сите: изградба на нов светски поредок.

Порано мислевме дека Путин го гледа Западот како непријателска сила чија цел е да ја уништи Русија. Меѓутоа јас верувам дека за Путин има два Запада: лошиот и добриот. „Лошиот Запад“ е претставен од традиционалните политички елити кои моментално владеат со западните држави: Путин ги смета нив за тесногледи робови на изборниот циклус кои ги превидуваат вистинските национални интереси и не се способни за стратешко размислување. „Добриот Запад“ е составен од обичните Европејци и Американци кои, тој верува сакаат да имаат нормални односи со Русија, и бизниси кои се желни да профитираат од добрата соработка со своите руски партнери.

Во размислувањето на Путин, очигледно лошиот Запад е во надолна линија и е пред пропаст, додека добриот Запад полека го предизвикува статус-квото преку серија национално ориентирани лидери, како Орбан во Унгарија, Ле Пен во Франција, па дури и Трамп во САД, подготвени да се отцепат од стариот поредок и да оформат нов. Путин верува дека војната против Украина и сите нејзини последици, како што е високата инфлација и растечките цени на енергијата, го хранат добриот Запад и помагаат луѓето да се кренат против традиционалниот политички естаблишмент.

Кладбата на Путин е дека фундаменталните промени кај западните држави со време ќе доведат до трансформиран и пријателски Запад. Русија потоа ќе може да се врати кон безбедносните барања што во декември ги постави во ултиматумот за САД и НАТО. Ова можеби е посакувано размислување до точка на невозможност. Меѓутоа тоа не  спречува ова да биде тоа што Путин очекува да се случи.

Има и добри вести. Самиот факт дека планот му изгледа реалистичен треба, барем на краток рок, да спречи каква било нуклеарна ескалација. Меѓутоа лошите вести се дека наскоро Путин ќе треба да се соочи со реалноста. Во тој момент, кога неговите планови се сопрени а неговата разочараност е висока, тој веројатно ќе  биде најопасен.

За Западот да избегне катастрофален судир, треба да разбере со што навистина си има работа кога е во прашање Путин.

Татјана Становаја,
Њујорк тајмс

21 јули 2022 - 14:49