Писмо од Кина: Вирусот на паниката

Не ми е страв ни од вирусот па ни од некои медиуми кои нè дресираат за следното пролевање крв; вирусите ја прават својата штета, медиумите својата, секој во рамките на своите можности. Ме плаши кога ќе видам колку луѓето се подготвени да го загризат тој мамец, колку лесно и лакомо го голтаат.

Во последно време, ретко поминува ден а некој да не мее праша дали сум жив. Луѓе паѓаат мртви по улиците, болниците пукаат по шевови, докторите газат преку лешеви за да стигнат до новите пациенти, супермаркетите се празни, главица зелка чини десет долари... Судејќи по погледите од надвор, во Кина во моментов се случува Чумата од Албер Ками.

Познатиот страв на тоталитарните режими од достапноста на информациите очигледно беше неоправдан; тоа што информациите се достапни не значи дека некој ќе се потруди да ги погледне. На пример, да се распраша каква е навистина ситуацијата во Кина и да дознае дека во најголем дел од земјата животот се одвива нормално, јавниот транспорт функционира, супермаркетите се отворени и полни, цените се како и секогаш. Или пак, со помош на Гугл, да ја спореди тековната епидемија на коронавирусот со другите епидемии последниве децении. Според податоците од сајтот на СЗО, смртноста од САРС изнесувала 14-15%, додека смртноста од актуелниот коронавирус е околу 2% (се верува дека тој процент во реалноста е понизок бидејќи има заболени кои тоа го третирале како обичен груп па го прележале дома без да отидат на лекар). Ако го прошириме пребарувањето на Гугл, откриваме дека смртноста од ебола изнесувала 50% а од МЕРС (првпат идентификуван во Саудиска Арабија во 2012) околу 35%.

Накратко, ако се заразите со вуханскиот коронавирус (2019-nCoV), статистиката ви дава 98% шанси дека ќе преживеете. САРС го памтиме низ магла, еболата ја знаеме од филмови а за МЕРС веројатно не сме ни слушнале.

Од каде сега волкава паника?

Во Советскиот сојуз беше популарен виц кој ни тогаш не беше посебно смешен а денес дефинитивно спаѓа во категоријата „вицови на татко ми.“

Советска делегација отишла во САД и после неколку недели обиколка низ Америка, еден советски функционер го прашува својот американски колега: „Ние во СССР ги стреламе, ги мачиме, ги ставаме во гулази и пак имаме луѓе кои мислат со своја глава. Која е вашата тајна, колега?“

Последните денови, читајќи како во западниот свет се пишува за оваа епидемија, често и јас тоа се прашувам. Зошто медиумите се толку сложни во ширење дезинформации и потпалување на хистеријата? Во што е тајната?

Д.Ф. Волис тврдеше дека досадата е најголемиот проблем на модерниот човек. Оној момент кога егзистенцијата ни е осигурана, вели тој, пред нас се појавува клисурата на една ужаснувачка и распарувачка досада која повеќето луѓе не знаат сами да ја пополнат. Медиумите тоа го имаат сфатено па сè помалку се трудат да нè информираат а сè повеќе да нè забават. Кој таму ќе гледа некој документарец за епидемија, кога истовремено на програма имаш хорор за живи мртовци, како она беше, „заснован на вистински случувања“? Колку приказната е пострашна, толку поголема е гледаноста/кликаноста а со тоа поголеми се и парите во џебовите на медиумските могули. Но, тоа веројатно е само дел од објаснувањето. 

Другиот дел од клучот можеби се крие - како што често бива- во геополитиката. Владата на САД во дамнешната 1882 година има усвоено Акт за исклучување на Кинезите, закон со кој се забранува имиграција на Кинези во САД. Законот бил на сила преку 80 години. Во 1953 година Никсон изјавува дека „Кина е изворот на сите проблеми во Азија.“ Во документарецот „Идната војна со Кина,“ истражувачкиот новинар Џон Пилгер чита писмо кое Мао Це Тунг го има испратено во Белата куќа во 1949 година. Во тоа писмо, Мао вели дека индустријализацијата на Кина мора да се одвива во спрега со слободното претприемништво и дека кинеските и американските интереси совршено се поклопуваат „како економски, така и политички.“ Писмото никогаш не добива одговор. 

Во тој поглед, политичката клима на запад се нема многу променето, па така и трговските преговори не се пласираат како цивилизирани, дипломатски процеси туку како трговска војна. А како и секоја војна, и оваа се води со потпирање на моќната пропагандна машинерија. За американските надворешно политички планови, претседателските избори да не ги ни споменуваме, оваа епидемија не можеше да дојде во подобар момент.  

Во обид да го запрат ширењето на вирусот, кинеските власти парализираа добар дел од државната економија. Неколку градови со најголем процент заболени се во карантин, се советува избегнување на патувања, празниците се продолжуваат, многу луѓе не одат на работа. Истовремено доаѓа до бојкот на кинески производи ширум светот како резултат на ширењето на дезинформациите дека можете да се заразите ако допрете маица, патики или телефон произведени во Кина. Иако и претседателот на СЗО јасно даде до знаење дека во моментов нема потреба од мерки кои „непотребно би го попречувале движењето на луѓе и стоки,“ многу земји ги имаат укинато летовите за Кина и имаат воведено забрани за влез на кинески државјани.

Се проценува дека поради епидемијата, кинеската економија ќе забележи пад од дури 5%. Тежиштето на глобалното внимание, наместо да се фокусира на барање решенија или барем начин да им се олесни животот на луѓето во погодените области, се преместува на забава на масите, рушење на кинеската економија и конструирање непријател.

Сето ова сее случува во моменти кога бројот на умрени од коронавирусот во Кина изнесува близу 600. Како беше она на Марк Твен за градацијата на лагата: лага, одвратна лага и статистика. При наведување на цифрите се испушта податокот дека Кина има двојно повеќе жители од цела Европа. Повторно на помош го викаме Гугл и дигитронот: процентуално, тоа е како во Србија од некоја епидемија да умреле три лица за два месеца.

Како некој кој со години е во Кина, се ежам секојпат кога некој ќе ме праша дали сум јадел кучешко месо; не затоа што мислам дека јадењето кучиња спаѓа во друга етичка категорија од јадењето крави и свињи, туку затоа што знам дека мнозинството Кинези никогаш не пробале кучешко месо. Ме плаши таа колонијална мантра за јадење кучиња бидејќи во неа гледам нешто многу позлокобно: подготвеност стереотипите за другите да се прифаќаат без ронка преиспитување па еднаш прифатени, бескрајно да се повторуваат. Не ми е страв ни од вирусот па ни од некои медиуми кои нè дресираат за следното пролевање крв; вирусите ја прават својата штета, медиумите својата, секој во рамките на своите можности. Ме плаши кога ќе видам колку луѓето се подготвени да го загризат тој мамец, колку лесно и лакомо го голтаат. Се плашам што тоа всушност значи. Што зборува за нас, за светот во кој живееме и каде тоа ќе нè одведе.

Лазар Пашќановиќ, од Шангај

6 февруари 2020 - 15:30