Не е науката во право, туку сè друго е погрешно

Во расправа околу атеизмот и религијата Колбер го начекува Џервејс со: твоето потпирање на науката е само твоја верба во способноста на научниците. По ова следува една од најблескавите реплики во одбрана на атеизмот: науката постојано се докажува, земи запали ги сите книги за наука и за 1.000 години пак ќе дојдеш до истите факти. Но овој дел од изјавата на Џервејс е спорен, барем за луѓето што ја следат науката.

(списокот присутни го има на крај од текстот)

Прво да се изгледа клипот:

Забелешката на Брајан Галагер од Наутилус е околу делот во кој Џервејс објаснува дека „науката постојано се докажува“:

Фактот дека физиката на Њутн, на пример, би била повторно откриена кога поради нешто би ја изгубиле, не значи дека науката е, или ќе биде, постојано докажувана. Многу поточно е да се каже дека ако науката воопшто е успешна, таа е таква поради неуспехот да биде докажана нејзината погрешност со која било друга идеја. Физиката на Њутн била револуционерна во своето време и ги издржала сите обиди да биде докажана како неточна; сепак знаеме колку неодржливо излезе ова: се појави Алберт Ајнштајн и покажа дека неговата конкурентска идеја подобро го предвиде просторот и времето, во споредба со онаа на Њутн, која не можеше да се справи со откритијата на Џејмс Максвел за односот меѓу магнетизмот и константната брзина на светлината.

Без разлика, беше будалесто од Колберт да каже дека вербата во Господ е интелектуален еквивалент на доверба во добро засновани научни заклучоци. Ние можеме да кажеме дека се случила Големата експлозија со враќање назад на снимката од она што се случува денес: галаксии што летаат далеку од нас, во сите правци, со растечка брзина, заради забрзана експанзија на самата вселена. Оваа информација не е откритие, туку опсервација.

Секако, и ова гледиште може да биде погрешно - меѓутоа поентата е дека тоа не е такво, и покрај сите обиди да биде докажано како погрешно. Како што изјави Дејвид Дојч, квантниот физичар од Оксфорд со афинитет за филозофија на наука, во интервјуто за Наутилус: „Ако видиш зошто критиките не држат вода, тогаш можеш да бидеш раат - не затоа што (теоријата за Големата експлозија) е точна - туку затоа што конкурентските идеи што би можел да ги разгледуваш се неточни.“

Дојч оваа филозофија, во голема мера инспириран од Карл Попер, ја нарекува „фалибилизам“ (fallibilism) или „погрешливост“. Сите обиди да се создаде знаење, како што објаснува тој, „се подложни на грешка“. Можеби никогаш нема да знаеме кога сме во право, ама барем може да знаеме кога нешто не е комплетно погрешно. Науката не е секогаш во право, но сите обиди таа да биде прикажана како инфериорна во однос на кој било друг начин за разбирање на природата не даваат плод.

*На сликата:

Стојат - Auguste Piccard, Émile Henriot, Paul Ehrenfest, Édouard Herzen, Théophile de Donder, Erwin Schrödinger, Jules-Émile Verschaffelt, Wolfgang Pauli, Werner Heisenberg, Ralph Howard Fowler, Léon Brillouin
 
Среден ред - Peter Debye, Martin Knudsen, William Lawrence Bragg, Hendrik Anthony Kramers, Paul Dirac, Arthur Compton, Louis de Broglie, Max Born, Niels Bohr
 
Прв ред - Irving Langmuir, Max Planck, Marie Sklodowska Curie, Hendrik Lorentz, Albert Einstein, Paul Langevin, Charles Eugène Guye, Charles Thomson Rees Wilson, Owen Willans Richardson

6 февруари 2017 - 15:08