Либералите извршија предавство на либерализмот

„Либерали, уозбилете се, не може ама баш за сè околу нас да се виновни „десничарските дезинформации“, порачува во Гардијан еден американски историчар кој забележува дека во прогресивните кругови денес владее уплав што постои „немодериран“ свет во кој виреат мисли надвор од нивниот замислен консензус.

На една конференција во 2015 година, со звучни имиња како Хилари Клинтон и Мелинда Гејтс, серија лидери во своите области ја опишуваа блескавата иднина која ни претстои како резултат на достигнувањата на претприемачите, фондациите и технолошките компании од Силициумската долина. Холивудска актерка извела рапсодија за чудесиите на Твитер и Фејсбук и воопшто социјалните медиуми кои „на сите нам ни дадоа необичен нов свет, без никакви препреки и ограничувања.“

„Шест години подоцна либералите едвај чекаат на тој извонреден нов свет да му дојде крај. Денес знаеме дека социјалните медиуми се она што ви обезбедува пристап до лажливите твитови на Доналд Трамп, теориите на заговор за Канон (QAnon), или позадината на случувањата во Капитол од 6 јануари. Сега знаеме дека социјалните медиуми се вулкан од дезинформации, непрекинато валкање во омраза и лаги, создадени или за профит или за забава“, пишува Томас Френк во Гардијан, во амотсфера во која либерални политичари отворено ги молат корпоративните технолошки господари кои управуваат со социјалните мрежи, да стават некакви ограничувања и да ги спречат луѓето да споделуваат лажни или опасни приказни.

Неко инстанци преферерираат медицински термин за дијагностицирање на денешната состојба па зборуваат за „информациско пореметување“.

Деновиве демократските политичари вршат притисок врз сите што имаат моќ над социјалните платформи да ја згаснат пропагандата на десницата во Америка. Се штанцаат колумни со кои дефакто од јавноста се бара да го заборави и преболи правото на слободен говор. Новинарите си фантазираат и сонуваат за тоа колку лесно и безболно Силициумската долина би можела да го препознае и искорени незгодниот и непожелен „непристоен“ говор. Во нов документарец на ХБО на оваа тема, еден по друг новинар го рационализираат сето ова, бранејќи го „неодбранливото“, притоа користејќи го аргументот дека платформите на социјалните медиуми се приватни компании, па поради тоа, првиот амандман од американскиот устав, за слобода на говорот, не се однесувал на нив.

Либералните кругови во Америка во овој период се видливо ужаснати од констатацијата дека кај необработениот и небрусен свет (македонски: небањати), се раѓаат и виреат мисли кои цветаат надвор од „консензусот“ и  дека се повеќе се слушаат гласови што слободно дрдорат во арена во која, види богати,  нема модератор (началник?) на кој можат да бидат пријавени. По ново, лек за лошиот слободен говор, не е „повеќе слободен говор“, согласно познатиот принцип од 1927 година на врховниот судија Брандеис, туку постоење на замислен „експерт за екстремизам“ кој ќе го замолчува светот.

„Колку опсежна операција ќе треба да биде тоа замолчување! Американската политичка култура секогаш била комбинација на мит, идеализам и селективна меморија. Трговијата и продавањето, а не учењето, е наш посебен американски национален талент. Холивуд, а не историчарите, се тие што ги пишуваат нашите свети национални епски приказни. Политиката во Америка отсекогаш наликувала на меѓусебно мавање со говна. Луѓето кои нафрлаат најглупави идеи фантастично напредуваат и виреат во оваа земја, доколку се погоди нивните идеи да соодветствуваат со она во што владејачката класа би сакала да веруваме“, вели Френк.

Тој го нотира парадоксот кој го има и кај Чомски (види: Левицата денес го прави она што до вчера го правеше десницата).  Левицата некогаш се бранеше од лавината глупости со критики, анализи, потсмевање и мајтапење со кои се разобличуваа креационистите, верските исцелители, напуваните милитанти и корпоративните лажговци од секаков сој, додека цензурата и правењеето црни листи беа орудие со кое се користеше десницата, за идиотизми како што е спротивставување на рап музиката или забрана на претстави и филмови.

На што се должи манијата и потребата од сузбивање на неистомислениците кај либералите денес? Најочигледен одговор е затоа што имаат потреба од алиби, смета Френк. Точно е дека конзервативците имаат капацитет да пласираат халуцинаторни лажни популистички идеи што им помогна да нижат успеси во последно време, но, тој успех во голем дел се случи и затоа што демократите, решени да станат партија на богатите и високообразованите, ѝ дозволија на десницата туку-така да им помине тоа.

Сиве овие години, Демократите имаа безброј пати можност да ја преоценат оваа своја глупава стратегија и да го сменат правецот. Но, повторно и повторно не се решија да го сторат тоа, обвинувајќи за своите неуспеси сè, само не сопствената „славна“ визија за постиндустриската иднина. Во 2016 година избраа да ја обвинуваат Русија за нивниот пораз на изборите, наместо да се погледнат во огледало. Во други прилики, меѓусебно се уверуваа деека немаат проблем со белата средна класа сè додека не стана неспорно дека реално имаа таков проблем (види: Демократите не требаше да престанат да го слушаат Спрингстин).

Toa e партија која со децении им се додворуваше на професионалните менаџерски елити и сега успеаја да ги придобијат. Либералите нè караат како навредена владејачка класа, затоа што до одреден степен, тие се токму тоа. Либералите сè повеќе и повеќе, ги застапуваат оние кои нè управуваат и следат на работното место, и сè повеќе и повеќе се однесуваат како нив. Но, целото тоа ламентирање за потребата од цензура е признавање на еден пораз, кој се случи многу пред  вистински да започне со работа администрацијата на Бајден.

„Да се ​​откажеш од слободата на говорот, значи дека си очаен и се плашиш од здравиот разум“, пишува Френк, предупредувајќи дека ако Демократите инсистираат да ги задржат овие позиции, со тоа најголема услуга всушност ѝ прават на десницата која на некои следни избори тоа дебело ќе го искористи.

Во суштина, новите и модерни либерали извршија велепредавство на сè за што учевме дека се залага либерализмот, констатира колумнистот на Гардијан и автор на книгата „Што е финтата со Канзас?

2 април 2021 - 19:10