Како се промени Турција

Пред пет години сите зборуваа за "турскиот модел". Западот и муслиманскиот свет ја сметаат Турција за сјаен пример за спој на Ислам и демократија. Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, а сегашен претседател на републиката, го фалеа како реформист кој создава послободна, побогата и помирна Турција.

Со жалење се присетувам на овие денови. Реториката на либералното отворање му го отстапи своето место на апсолутизмот, мировниот процес со курдските националисти се распадна, слободата на печатот се намалува а терористичките напади се сè почести.

Што тргна наопаку? Поддржувачите на Ердоган имаат едноставен одговор: завера. Бидејќи со Ердоган на чело Турција стана премногу моќна и независна, опасните "кувари" од Западот и нивните предавнички "агенти" во земјата започнаа кампања на гнасење на турската демократија. Следбениците на претседателот не сфаќаат дека токму оваа со завери опседната пропаганда, и самозадоволството кое таа го одразува и омразата што ја поттикнува, се дел од проблемот.

За да сфатиме зошто нè изневери турскиот модел, мораме да се вратиме во 2001-ва година, кога е основана Партијата за правда и развој (АКП). Во тоа време Турција е под власт на секуларните генерали кои ја рушат секоја влада што не ја контролираат. Во 1997 тие ги потиснуваат исламистичките претходници на АКП, па основачите на оваа партија ја истакнуваат својата постисламска визија и изјавуваат дека ја напуштаат старата идеологија. Единствена цел им е внесување на Турција во ЕУ и остварување на либерална демократија.

Во текот на првите осум години од владеењето АКП спроведува либерални реформи и усвојува либерална реторика. Темелниот проблем на Турција, како што тврди партијата, е пресилната држава која ги гази правата на граѓанинот. Опозицијата во државата, на пример курдското националистичко движење, мора да се сфати како реакција на апсолутизмот, а не како завера на предавниците. Стабилноста ќе се роди од зголемената слобода. Партијата на правдата и развојот стана љубимец на западните престолнини и турските либерали.

Меѓутоа, кога АКП оствари некои големи победи на уставниот референдум во 2010 и следната година на изборите - по што ја покори војската - почна да исчезнува либералната реторика, а се појави социјалниот конзервативизам. Кога партијата во 2013 почувствува дека почнува да и се клати власта, прво со масовни демонстрации, а потоа со истраги за корупција, таа ги презема апсолутистичките навики на кои некогаш се противеше. Противниците се претворени во непријатели кои треба да се згазат. Се покажа дека визијата на партијата за демократија е само тиранија на мнозинството.

Турските секуларисти зад ова гледаат исламистичка завера: АКП го криеше своето "право лице" се до погодниот момент. Меѓутоа јас мислам дека промените во партијата не се планирани - ниту принципиелни. Партијата го усвои либералниот концепт заради нужда и без премногу размислување. Власта што партијата ја освои ги мамеше, опиваше и расипа нејзините членови. Поединците и сталежите кои денес се собрани околу Ердоган прв пат во живот стекнуваат богатство, углед и слава, и решени се сето ова да го задржат.

Меѓутоа, тоа што пропадна моделот на либерален ислам на АКП, не значи дека сите исламисти ја загрозуваат либералната демократија. Доказ за ова е Тунис. Тамошната исламистичка партија Енахда не е само што е омилена и победничка, туку е и партија на помирувањето. Затоа Тунижаните успеаа да усвојат изненадувачки либерален устав со широк сенароден консензус. Тајната можеби е во тоа што Рашид Гануши, основачот на Енахда, помалку е макијавелистички политичар, а повеќе е принципиелен научник.

Ова не значи дека Запад треба да ја оддалечи Турција, како што ни бесот кон Ердоган не значи дека Турција секој пат греши и дека нејзините противници секој пат се во право. Под власта на Ердоган Турција им помогна на сириските бегалци повеќе од која било друга земја. Запад треба да го признае тоа и да понуди помош. Освен ова, турската загриженост околу курдските сепаратисти не е неоснована, што го докажуваат двата напади на бомбаши самоубијци во Анкара.

Дополнително, темелниот турски проблем не е само скорешниот апсолутизам на АКП, туку и борбената, поделената и цинична политичка култура во земјата. Ние сме "расцепкана земја" која се уште го нема најдено својот мир. Ердоган можеби е најновиот манипулатор во оваа драма, но одговорни се и сите останати актери.

За да станеме вистински "модел" и да осигураме мир во својата земја, ние Турците мораме да се собереме околу либералните вредности кои АКП некогаш ги застапуваше: во нашата земја нема непријатели, туку само граѓани со различни ставови, а сите тие заслужуваат еднакви права и слободи и скромен државен апарат чија работа е да служи, а не да диктира.

Мустафа Аќол
за Њујорк Тајмс на српски јазик

16 јуни 2016 - 13:36