Авторитарното искушение

Месецов пред 24 години, советските радикали, очајни да ја спречат започнатата демократска транзиција на земјата, го уапсија Михаил Горбачов и прогласија воена состојба. Mилиони демонстранти излегоа на улиците. Клучните елементи на армијата одбија да се приклучат на државниот удар и тој наскоро пропадна - а по него следуваше и Советскиот сојуз.

Иако економските услови во последните месеци на СССР бе страшни, луѓето можеа да ги видат слободите кои доаѓаа и, за разлика од денес, беа подготвени да се борат за нив. Всушност, во раните години од демократската транзиција, најголемиот дел од пост-комунистички гласачи не подлегнаа на предизвикот на гласачките кутии да изберат екстремисти кои ветуваа крај на тешките времиња кои ги живееа. Наместо тоа, тие обично го бираа најразумниот кандидат кој беше достапен.

Русите, на пример, го одбија Владимир Жириновски, кловн налик на Доналд Трамп инаку националист и анти-семит, за сметка на Борис Елцин, кој застана пред тенковите за време на неуспешниот удар во 1991-ва и призна дека иднината на неговата земја лежи во демократијата и Западот. Во Романија, поетот екстремист Корнелиу Вадим Тудор губеше од серија корумпирани прагматичари, почнувајќи од Јон Илиеску, кој го водеше соборувањето на последниот комунистички лидер на земјата, Николае Чаушеску.

Од тогаш светот се преврте наопаку. Како што животот стануваше полесен, и материјалните очекувања на луѓето генерално беа покриени, гласачите сè повеќе стануваа склони кон нео-автократите кои ветуваа дека ќе ги "заштитат" луѓето од оваа или онаа закана. Рускиот претседател Владимир Путин, секако, ја предводи оваа група, ама тука исто така се и унгарскиот премиер Виктор Орбан и чешкиот претседател Милош Земан. А трендот е раширен и надвор од поранешните комунистички држави и го вклучува, на пример, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Францускиот филозоф Жан-Франсоа Ревел го сметаше растот на насилните диктатури во 20-от век како последица на "тоталитарното искушение." Она што ние денес го сведочиме е нешто помалку зло - наречете го "авторитарно искушение." Но тоа е растечка закана не само за демократијата, туку и за глобалната стабилност. Сепак, една од работите која е заедничка за денешните автократи и нивните тоталитарни претходници е презирот кон владеењето на законот, како домашниот, така и меѓународниот.

Една од причините за вакво приклонување кон авторитарноста е што многу нации повеќе не ги гледаат САД како светилник на демократијата и модел за стабилност и просперитет кој треба да биде копиран. Тврдењето на Путин дека демократизацијата всушност е американски заговор "за стекнување еднострана предност" одекнува во голем број општества по катастрофалната инвазија на Ирак и откритието дека НСА ги шпионира луѓето и лидерите низ цел свет.

Меѓутоа пред ова да се случи, победниците во Студената војна - посебно САД - покажаа перчење кое веројатно оддалечи многумина. Кога дури и сојузниците ќе ги третираш без почит - ви текнува на неславното "Јо, Блер" на Џорџ Буш, како тогашниот британски премиер Тони Блер да е некој каубој што работи на фарма - луѓето природно се прашуваат дали нивната држава, исто така, ќе ја сметаат за корисна.

"Меките" диктатори - како што новинарот Боби Гош ги нарекува авторитарните демократи - кои беа во подем ги искористија овие чувства на немир и алиенација за да привлечат гласови. Нивните симпатизери не сакаат да бидат угнетувани, ама сакаат стабилност и национален суверенитет - желби кои нивните лидери ги исполнуваат делумно и со тоа што ја ограничуваат опозицијата.

Имајќи го предвид досегот на денешните масовни медиуми и социјалните мрежи, треба само малкумина да бидат таргетирани за да се заплаши остатокот од општеството и да се приспособи кон визијата на лидерот. Па, наместо градење гулаг, нео-авторитарните владетели започнуваат кривични случаи. Обвинетите се движат од политички противници и критичари во Русија - како олигархот Михаил Ходорковски и адвокатот Алексеј Навални - до независни новинари во Турција на Ердоган.

Граѓаните изгледаат уверени. Барем 70% од Русите се согласуваат со Путин дека ваквата форма на "менаџирана демократија" е подобра од хаотичната верзија која се практикува на Западот. Речиси половина од граѓаните на Унгарија сметаат дека членството во ЕУ, чии либерални вредности Орбан ги исмева, е непотребно. И над 70% од Турците имаат негативен став кон САД, кои Ердоган ги обвинува за растот на социјалните медиуми (најужасната напаст која денес и се заканува на Турција - надминувајќи ги, изгледа, дури и смртоносните напади на ИСИС врз турските градови).

Кога во 1989-та падна Берлинскиот ѕид, луѓето не ја разбираа врската меѓу капитализмот и демократијата. Многумина го посакуваа Западниот стил на живот, со пристап до работни места и производи кои ги имаше во САД, ама изгледа дека не препознаа дека пристапот до таков животен стил бара зголемени економски и лични слободи - токму оние слободи кои се основните столбови на демократските општества.

Ако, во сегашната околина, западните сили се обидат ова да му го нагласат на народот во Русија, Унгарија и Турција, тие веројатно ќе создадат уште поголема огорченост. Подобра опција ќе биде да се работи на лидерите на земјите. Ако Путиновците, Ердоганите и Орбаните на светот сакаат да продолжат да имаат економска корист од отворениот меѓународен систем, тие не може едноставно да измислуваат сопствени правила.

Моќта на еден таков пристап може да се види во Русија, каде западните санкции, наметнати по путиновото анектирање на Крим, се главен фактор во ограничување на упадот на про-руските бунтовници во источна Украина. Обидот на Путин да го поврати статусот на "голема сила" за Русија може ќе наиде на поддршка меѓу неговите луѓе; меѓутоа таа поддршка веројатно ќе ја исчезне ако Русите се соочат со можноста да го изгубат сиот комфор стекнат од релативно отворената економија што нивната држава ја имаше повеќе од две децении.

Во време кога на се повеќе и повеќе Руси не им се даваат пасоши за патуваат надвор од земјата, оние во искушение од авторитарноста веројатно ќе се сетат на една поента што ја кажа Џон Ф. Кенеди за време на берлинскиот говор во 1963-та. "Слободата има многу проблеми, а демократијата не е совршена. Ама ние никогаш не сме биле приморани да кренеме ѕид за да ги задржиме луѓето кај нас."

Нина Хрушчева

22 август 2015 - 14:49