Илон Маск ќе го враќа Трамп на Твитер

Во моментот кога Маск ќе стане газда на Твитер, тој ќе ја укине доживотната забрана за поранешниот американски претседател да се појави на платформата, затоа што истата едноставно е глупа.

Одлуката да се протера Трамп од Твитер „е морално погрешна и несомнено глупа“ објаснува Маск во интервју за Фајненшл тајмс.

Трамп беше забранет на Твитер во јануари 2021 заради ризикот од идно поттикнување на насилство по упадот во американскиот Конгрес.

„Ќе ја поништам трајната забрана, меѓутоа се уште не го поседувам Твитер па ова не е нешто што дефинитивно ќе се случи,“ порачал Маск.

Неговото објаснување е дека забраната не го замолчела Трамп, туку едноставно го натерала да се префрли на неговата социјална мрежа Трут, со што се засилил неговиот глас меѓу крајната десница.

Маск потсетил дека Трамп пред некое време објави дека не би се вратил на Твитер дури и неговата сметка да биде вратена во живот.

Потенцијалниот нов сопственик разговарал и со ко-основачот на Твитер, Џек Дорси, со кого тврди дека имаат исти став околу трајното блокирање.

„Тој и јас сме на ист памет дека перманентната забрана треба да биде екстремно ретка и резервирана за сметки кои се ботови и измами,“ порачал Маск.

Се уште не седнат во фотеља, Маск забележува дека Твитер заради неговите почетоци во технолошката заедница на Сан Франциско има силна левичарска наклоност, а треба да биде „порамноправен“.

„Победата ќе биде ако 10-те проценти од крајната десница и 10-те проценти од крајната левица бидат еднакво вознемирени,“ изјавил Маск.

11 мај 2022 - 09:48