Фејсбук и Инстаграм се заканија дека ќе почнат да наплаќаат

За сега не е отворена закана туку е фино спакувана во „помогнете Фејсбук / Инстаграм да останат бесплатни“, и е упатена кон корисниците на Ајфон што ќе го инсталираат апдејтот кој треба да го блокира постојаното шпионирање од социјалните мрежи.

Иос 14.5 е апдејтот на оперативниот систем на Ајфон по кој сите апликации ќе мора да побараат изричита дозвола од сопствениците пред да почнат да следат што прават корисниците кога се на други апликации или сајтови.

Ова до сега по автоматизам им беше дозволувано на сите апликации на сите можни оперативни системи, а Епл е првата компанија што ја воведува забраната.

Бидејќи Фејсбук не може да се помири со тоа нон-стоп да не ги следи своите корисници, на сите што го инсталираа апдејтот им пушти предупредување дека со давање на дозвола за следење, тие „помагаат“ социјалните мрежи да останат бесплатни.

Освен што е резил една од најбогатите компании на светско ниво да се заканува на своите корисници, за дел од кои таа е единствен канал на комуникација со светот, ова истовремено е и прекршување на правилата на Ап стор на Епл, кои им забрануваат на апликациите да ги стимулираат своите корисници да дозволат следење.

Со новото правило на Епл, Фејсбук и понатаму до последен клик ќе може да ве следи што правите кај него на платформа и сите пропратни информации околу вашиот профил. Тоа што повеќе нема да може да го прави како порано, е што правите откако ќе заминете од Фејсбук, кои сајтови ги отворате, што пребарувате / гледате на нив, или кои апликации ги користите и што правите на нив.

4 мај 2021 - 09:57