Дали твитовите на Папата ќе бидат непогрешливи?

Ватикан и официјално го претстави личниот Твитер акаунт на папата Бенедикт XVI-ти. Уште нема ништо твитнато а веќе има повеќе следбеници од тебе и сите што ги знаеш, заедно.

@pontifex (името е одбрано бидејќи значи и Папа и градител на мостови) собра над 100.000 следбеници и тоа додека најголемиот дел од католиците на американскиот континент уште спиеа. За првиот твит од Папата ќе треба да се почекаат уште 9 дена.

Од Ватикан објавија дека Папата ќе ја започне својата Твитер кариера на 12-ти декември со Прашања и Одговори. Прашањата ќе можат да бидат испратени на #askpontifex, а папата ќе одбере 3 до 5 прашања за да одговори. По ова Твитер ќе се полни со повремени цитати од неговите миси и други мисли на Папата.

Секако Папата нема да седне на тастатура или на таблет па да ги куца статусите туку тоа ќе го прави неговиот персонал кој во негово име твитовите ќе ги објавува на 8 различни јазици (англиски, француски, шпански, португалски, италијански, германски, полски и арапски).

Минатата година Понтифот прати твит од Твитер профилот на Ватикан, по повод започнувањето на порталот за вести на Светата столица. Папата веројатно нема да успее на Твитер да собере барем приближно следбеници колку што има во вистинскиот живот. До сега, во живо го следат 1,1 милијарда луѓе.

На новинарското прашање "дали твитовите на Папата ќе бидат непогрешливи," претседателот на канцеларијата на Ватикан за социјална комуникација, одговорил дека "тие не треба да се сметаат за непогрешливи, туку како 'бисери на мудроста' на папата."

3 декември 2012 - 17:33