Пари од легална марихуана има само ако работиш на црно

Во 2016 Калифорнија целосно ја легализира марихуаната меѓу другото и со намера да се создаде една напредна легална регулирана индустрија за одгледување и продажба на марихуана во сите нејзини форми. 5 години подоцна, процената е дека 80-90 проценти од продажбата на марихуана е на пазарот на црно.

Во целиот тој закон што доведе до легализација има еден дел кој вика дека сојузната држава ја легализира марихуаната, меѓутоа локалните власти имаат право да одлучат дали ќе ја забранат марихуаната доколку сметаат дека тоа е неопходно. Како резултат на оваа опција најголемиот дел од градовите и локалните заедници и понатаму не дозволуваат продажба на канабис, што го попречува растот на легалниот пазар.

На оние места каде што тоа е дозволено, сопствениците се жалат дека имаат високи даноци, ограничен број на лиценци и високи такси и давачки, што го спречува влегувањето на пазарот.

Излезот што легалните продавачи го наоѓаат од овој проблем и правење некаков плус во работењето се наоѓа во повремено цапнување во „традиционалниот“ пазар, како што нагалено го викаат пазарот на продажба на марихуана на црно.

Објаснувањето за ваквата состојба на пазарот го опфаќа она што се случуваше во Калифорнија во изминатите две децении, кога државата дозволи користење марихуана за медицински потреби. Од тогаш, 1994, па се до носењето на законот во 2016, нелегалната индустрија за марихуана стана толку голема и толку навикната да работи нелегално што претпочита тоа и така да остане.

„Нејзиното ставање под контрола е исто како да се обидеш да вратиш назад паста за заби,“ пишува Аманда Чикаго Луис во текстот за Гардијан.

За да се има предвид за колкав нелегален пазар станува збор, само годинава властите во Калифорнија имаат запленето над 1,2 милиони нелегални растенија од марихуана и над 81,6 тони обработена марихуана.

Од бизнис страна нелегалната трговија е оправдана и од тоа што легалните продавачи на марихуана имаат даночна стапка од 70%, што според нив „го има уништено легалниот пазар во Калифорнија“.            

4 ноември 2021 - 10:50