Планот на Елон Маск за поразување на дистрибутерите на струја

Меѓу објавувањето на разочарувачкиот извештај за заработувачката на Тесла Моторс, и изјавата на Маск дека компанијата во иднина ќе вреди околу 700 милијарди долари, се провлече веста дека тој веќе работи на батерии што ќе може да напојуваат цело домаќинство.

Овој проект не го работи директно Тесла Моторс, туку СоларСити, компанија на која Маск е претседател а ја управува неговиот роднина Линдон Рив. СоларСити инсталира сончеви панели кај домаќинствата и ги дава на лизинг за помалку пари од сметката за струја, со тоа што вишокот на енергија тие им ја продаваат на локаните снабдувачи со струја. Моментално компанијата контролира околу 39% од пазарот со соларни панели за домаќинства.

Главните проблеми на сите соларни решенија до сега е што сонцето не грее секогаш кога ти треба струја, и грее и во периоди кога не ти треба струја. Првиот е проблем за корисникот, кој кога е облачно или темница треба да користи струја од регуларната мрежа, вториот е проблем за мрежата, која треба да најде што да прави со вишокот енергија, за да го одржува балансот.

Токму решението на овие два проблема е инспирацијата на Маск за изградба на Гигафактори, која освен соларните панели треба да почне да работи и на неподвижни батерии кои ќе можат да го складираат вишокот енергија и да овозможат нејзино подоцнежно користење.

Тесла веќе инсталира вакви батерии на комерцијални објекти (Волмарт маркети и сл.), кои инаку скапо плаќаат за дополнителната ангажирана моќност во одредени делови од денот. СоларСити веќе има започнато пилот проект во 500 домови во Калифорнија, каде се инсталираат батерии од 10 киловат часови, кои без никаков проблем два дена можат да го снабдуваат домовите со електрична енергија.

Освен помали сметки за струја, ваквата промена ќе значи и можност за физичките лица, како корисници, да почнат вишокот енергија да им го продаваат на дистрибутерите на струја.

Дополнителен зијан за дистрибутерите, а ќар за сите останати (Тесла + потрошувачи) е што доколку се оди според планираното за електричните возила, корисниците сами ќе можат за себе да ја покријат побарувачката за електрична енергија (возењето ќе им биде бесплатно).

14 февруари 2015 - 17:09