Најпаметните не се оние што заработуваат највеќе

Здравата логика нè учи дека да се биде паметен, меѓу другото, е и нешто кое добро се плаќа. Според едно ново истражување во Шведска, тоа е само делумно точно, со оглед на тоа што над одреден праг на заработка - тие пари почнуваат да ги земаат луѓе кои, според личните способности, баш и не ги заслужуваат. 

Неодамнешно истражување во Шведска покажало дека најпаметните работници не се оние кои заработуваат највеќе.

Да се биде поинтелигентен носи повисоки примања, но само до прагот од 57.300 долари годишно. Од таа точка, спрема истражувањето, примањата растат но за вработени чии способности стагнираат.

А оној 1% луѓе кои заработуваат најмногу покажале нешто полоши резултати на тестот од групата луѓе што е директно под нив. 

„Не најдовме докази дека оние кои се на топ позиции и земаат огромни плати ги заслужуваат повеќе од оние кои примаат само половина од тоа“, вели предводникот на истражувачкиот тим, Марк Кеушинг.

Тој објаснува дека извонредниот успех во работата некогаш зависи повеќе од други околности како семејни ресурси или просто среќа отколку од личните способности.

Студијата ги анализирала когнитивните способности кај речиси 60.000 мажи родени во Шведска кога имале 18 или 19 години, и нивната заработка во помеѓу 35-тата и 45-тата година. Истражувањето се оснива на стандардизиран тест на интелигенција што мажите го полагаат при задолжителото служење воен рок, и вклучува тестови за вербално разбирање, техничко снаоѓање, спацијална способности и логика. 

Истражувањето не ги зема предвид некогнитивните способности - како што се нивоата на мотивација или супериорните социјални вештини - кои помагаат да се стигне до поплатени работни позиции. Некогаш паметните бираат работи кои се помалку платени затоа што им се поинтересни или им носат поголема лична сатисфакција.

Академската работа, која не е ниту најплатена ниту најпрестижна професионална област, е добар пример за тоа.

Сепак, Кеушник гледа проблем во тоа што најпаметните не заработуваат највеќе, главно околу растечката нееднаквост на приходите помеѓу најбогатите и остатокот од општеството. Со оглед во Шведска овој јаз е релативно мал, „можеме да претпоставиме дека тоа претставува и поголема закана на места како Сингапур и САД“. 

„Одлуките што ги носат оние што заработуваат најмногу засегаат многу луѓе, па ние како општество би требало да го имаме вистинските луѓе на овие позиции“, потенира Кеушинг. 

20 февруари 2023 - 13:07