Дипфејкот станува убав бизнис

Британската мултинационална компанија која стои зад некои од најпознатите објекти во светот, меѓу кои и Оперската куќа во Сиднеј,  призна дека биле жртва на „дипфејк“ измама (реалистични мултимедијални содржини продуцирани со ВИ). На нивен човек во Хонг Конг му направиле дипфејк шашма и овој им исплатил 25 милиони долари на преварантите.

Портпаролот на компанијата Аруп рече дека ја известиле полицијата во Хонг Конг за измамата и потврдил дека во шемата биле користени лажни гласови и слики.

Не сакаат да навлегуваат во детали но порачаа дека нивната финансиска стабилност и деловните операции не биле засегнати и ниту еден од внатрешните системи не бил компромитиран.

Сепак, се дознава дека еден нивен човек во финансии во Хонг Конг прво добил фишинг меил од седиштето во Лондон кој му бил сомнителен бидејќи се барало од него да изврши тајна трансакција.

Побарал да се организира видео состанок со надлежните и тука влетуваат измамниците па со дипфејк креации го убедиле дека разговара со главниот финансиски директор и други членови на неговата екипа.

Како што му било сугерирано на состанокот со лажните претпоставени, преку 15 трансакции за да се маскира трагата, префрлил 25 милиони долари.

Аруп имаат 18.500 вработени во 34 канцеларии во светот.  Освен спомнатиот објект во Сиднеј, го градеа и "Гнездото", националниот стадион во Пекинг во кој се одржуваа Олимписките игри.

 

17 мај 2024 - 10:54