ЈПГ фајл само што е продаден за 69 милиони долари како уметничко дело

Продаденото дело се вика „Everydays — The First 5000 Days“ и е на Мајк Винкелман, на Инстаграм познат како @beeple_crap, и буквално е слика во .јпг фајл кој се разликува од сите други .јпг фајлови по тоа што е создадена како НФТ (nonfungible token / NFT).

Аукцијата на сликата на Бипл започна на 100 долари, во последниот час од аукцијата имаше 180 понуди, а на десетина секунди пред крај на аукцијата таа имаше достигнато нешто под 30 милиони долари. Кристис дозволи 2-минутно продолжување на аукцијата заради наплив на понуди, кога сумата ги достигна крајните 69 милиони долари.

Ова е третата највисока цена што Кристис ја има постигнато за дело на жив уметник. На прво место е Џеф Кунс, на второ е Дејвид Хокни. Сликата на Бипл е колаж од сите негови слики од 2007 (од таму и името „првите 5.000 денови“) кога почнува он-лајн да објавува дигитална уметност.

НФТ делот од приказната се однесува на технологијата базирана на блокчејн, кој на купувачите им дава неоспорен доказ за автентичност и сопственост. Секое вакво дигитално дело целосно може да се размножува во неограничен број на копии, меѓутоа НФТ гарантира дека само еден човек го поседува оригиналот и никој друг. Или поинаку кажано: Лувр ја има Мона Лиза, а сто милиони луѓе имаат постер од Мона Лиза. Сосема на друго ниво е забелешката дека НФТ воопшто не е создадено за таа работа и дека е крајно невнимателно расфрлање со ресурси.

Делото на Бипл беше платено во етереум, што е исто така историски момент во 255-годишното постење на Кристис која за прв пат дозволи плаќање во криптовалута.

Едно друго дело на Бипл пред некое време беше продадено за 6,6 милиони долари во етереум.

Во неделата, група на „технолошки и уметнички ентузијасти“ запалија едно физичко дело од Банкси, од кое претходно направија НФТ дигитална копија која сега е единствената верзија од таа слика. НФТ од Банкси (од сликата Морони) на аукција беше продадено за 382.000 долари, што е три пати повеќе отколку што заработи оригиналот кога беше купен.

П.С. Ако ви се разгледува НФТ, сајтови за тоа се: Open Sea, Nifty Gateway, Super Rare и Makers Place.

П.П.С: Малку подетално околу НФТ и дигиталната уметност:

12 март 2021 - 09:54