Вардар го завери четвртфиналето, во Јане падна Динамо Синара

Во последното коло од групната фаза, ракометарките на Вардар го совладаа тимот на Динамо Синара 28:27. Амандин Лејно со дури 14 одбрани беше најзаслужна за триумфот на црвено-црните, кои во четвртфиналето ќе играат против унгарскиот Ѓер.

Со двата брзи гола на Ана Кочетова во првите две минути, гостинките од Русија покажаа дека во Скопје се дојдени да играат отворен ракомет на гол повеќе.

По два неуспешни напади на Вардарки, конечно Андреа Лекиќ го „скрши“ мразот на истекот од четвртата минута и намали на 1-3. Во тие моменти Амандин Лено одбрани дури шест напади на Динамо Синара и на своите колешки им овозможи преку брзи контри да поведат 7-4.

На две минути пред крајот од полувремето, двете екипи останаа со по четири ракометарки на теренот, затоа што и Вардар и Динамо заработија исклучувања. Русинките подобро се снајдоа во таквата ситуација и намалија на 15:13, резултат со кој се замина на полувреме. Пенезиќ со три гола кај Вардар и Кочетова со пет кај тимот од Волгоград беа најефикасни во првиот дел.

Вториот дел со гол го отвори Јованка Радичевиќ, која со Дембеле од крилните позиции ја одржуваа предноста на Вардар. Сепак, по 15 минути игра во второто полувреме, Ана Кочетова почна да покажува зошто важи за една од најдобрите европски ракометарки и со три голови едно по друго на Динамо Синара му носи целосен пресврт 22:23.

Помошникот на Кастратовиќ, Јан Питлик свика тајм-аут, ротираше со замените, по што младатга Алена Ихнева со два голови, повторно му носи позитива на својот тим. До крајот се играше гол за гол, Пенезиќ на едната страна и Кочетова на другата ги решетаа противничките мрежи, по што се влезе во неизвесна завршница.

Сепак, околу три илјади гледачи во СЦ Јане Сандански конечно можеа да здивнат на минута пред крајот, кога Ања Алхаус со два погодоци по ред го реши прашањето на победникот. Конечни 28:27 за Вардарки, кои на тој начин го заверија четвртфиналето.

Најефикасна во редовите на Вардар беше Андреа Пенезиќ со 7 погодоци, додека Ана Кочетова со 10 голови беше водечки стрелец во гостинскиот состав. На крајот од втората фаза по групи, Вардарки имаат учинок од 5 победи, 1 нерешена средба и 4 порази. Динамо Синара завршува како второпласирана екипа, која на крајот има 5-1-4.

Четвртфиналето ќе му го донесе на Вардар можеби и најтешкиот од можните противници, екипата на Ѓер од Будимпешта, град во кој ќе се игра завршницата на овогодинешната Лига на шампиони.