Зизу по хаос го памети последното гостување во Бергамо

Фудбалерите на Реал Мадрид вечерва гостуваат кај Аталанта во првиот меч од 1/8 финалето на Лига на шампиони. Тренерот на „кралскиот клуб“ пред 23 години од клупата за резерви тогаш како играч на Јуве гледаше хаос на трибините.

Легендарниот Зизу како тренер на Реал Мадрид ниту еднаш не изгубил на гостување во Италија и верува дека и вечерва ќе остане непоразен во Лига на шампиони на стадионот кој не го памети по добро.

Зидан може да биде среќен што нема да има публика на стадионот на Аталанта, затоа што навивачите од Бергамо важат за едни од најжестоките на Апенините.

Тоа Зизу го виде на 16 мај 1998-ма година, на само три дена пред големото финале од Лига на шампиони против Реал Мадрид.

Јувентус играше кај Аталанта во финишот на сезоната во Серија А. По голот на Уругваецот Фонсека за Јуве резултатот беше 1:1 а во меѓувреме Пјаченца го добила Лече и тимот од Бергамо испадна во Серија Б.

Зидан беше на клупата за резерви кога тифозите на Аталанта направија прекин и ја кршеа заштитната ограда во судир со полицијата.

Судијата реши да го прекине мечот на 15 минути пред крајот. Прекинот траеше 20 минути па дуелот се доигра. Вечерва Зидан со својот Реал Мадрид како тренер ќе гостува на истиот стадион против Аталанта.