Вековни кадри на Камп Ноу - Меси во солзи се прости од Барселона

Аргентинскиот ас, најдобриот фудбалер на сите времиња според многумина, денес на прес-конференција во неговиот втор дом на „Камп Ноу“ се прости од саканиот клуб и навивачите.

34-годишниот Лионел Меси кој одигра 778 меча и постигна 672 гола и освои 35 трофеи со што стана најдобриот фудбалер во историјата на клубот, денес во солзи се збогуваше со каталонскиот клуб.

„Добар ден. Не знам дали ќе можам да почнам да зборувам. Последните неколку дена размислував за тоа што да кажам денес. Бев здрвен и уште сум здрвен. Многу е тешко после цел овој долг пат. Не бев спремен.

„Немавме никакви проблеми со Барселона. Со клубот се договоривме за сите детали, имавме целосно разбирање, никакви неспоразуми.

Убеден бев дека ќе останам во Барса, но се испостави дека е невозможно поради правилата во Ла Лига.

Кога дознав за тоа, буквално како да ме потурија со замрзната вода врз глава. Уште се трудам да се навикнам на оваа мисла“, искрено раскажа светскиот ас.

Годината кога се случи цела таа историја со бирофаксот ќе остана во минатото. Но јас не сакав да си одам годинава.

Бевме убедени дека сакам да останам тука. Ова е мој дом. Го сакав тоа најмногу од се. Отсекогаш ја нагласувавме нашата благосостојба, јас чувствував дека ова е мој дом. Се насладував на животот во Барселона. Беше чудесно“, емотивно ја почна конференцијата Меси.

Тој дојде во Барселона уште од 2000-та а во 2003-та дебитираше за првиот тим. Има 10 титули во Ла Лига, 7 во шпански Куп на Крал, 7 во шпански Супер Куп, 4 Лига на шампиони, 4 УЕФА Супер Купа и 3 Светски клупски првенства.

Присутните во салата меѓу кои беа речиси сите првотимци на чело со Жерар Пике и Де Јонг, како и претседателот на Барселона Жоан Лапорта му аплаудираа повеќе од минута ипол на Лео. Навивачите пред неколку дена одлучиле од сега па натаму во 10' минута од секој меч на „Камп Ноу“ да го скандираат името на Меси.

Во однос на иднината Меси изјави дека се надева дека ќе се врати во Барселона еден ден.

„Се надевам дека во некој момент ќе можам да се вратам за да станам дел од овој клуб. Сакам да бидам тука во која било улога и да имам можност да и помогнам на Барса да остане најдобар клб на светот.

На многу нешта сега заборавам, сега не сум во добра состојба за да мислам и зборувам“.

„Пораснав заедно со вредностите на овој клуб и се трудев да бидам скромен и уважителен додека го носев дресот на Барса. Сакам да го паметат и тоа а не само што правев на терен.

Благодарен сум за тоа како се развиваше мојата кариера, за освоените титули и за поразите. Тоа се многу убави сеќавања. Славјата со навивачите, можноста да се радувам заедно со жена ми и децата. Долго ќе се сеќавам.

Жалам. Многу ми е жал зошто го напуштам клубот кој го сакам. Не го очекував ова. Минатата година сакав да си одам, но не оваа. Затоа многу ми е жал.

Играчи ќе доаѓаат и натаму во Барса. Клубот е поважен од кој било друг и луѓето ќе се навикнат на тоа. На почеток ќе биде чудно но тимот го пополнија одлични играчи, Барса има одличен состав“, продолжи Меси.

Во однос на понудата на ПСЖ во Париз да ја продолжи кариерата, Аргентинецот рече:

„ПСЖ е можна варијанта, да. До овој момент нема ништо утврдено официјално. По соопштението на Барселона добив повици од многу други клубови. Ништо уште не е потпишано, водиме преговори“.