Каде се, што прават?

Тимот на Парма кој го освои Купот на УЕФА

Откако минатата недела се пласираше во третата лига Серија Ц и повторно ќе игра професионален фудбал после банкротот, Парма нè наврати на некои поубави времиња кога овој клуб доминираше во Европа.

Во ’90-те години Парма редовно играше во европските финалиња (победа во Куп на Купови 1993, победа во Куп на УЕФА 1995 и финале на Куп на Купови 1994), а во сезоната 1998/99 ризикуваа да ја завршат кампањата уште во првата рунда.
 
Фенербахче со Мурат Јакин во составот ја победи Парма 1:0 во Италија, а дополнителен товар за тренерот Алберто Малезани беше тоа што за реваншот во Истанбул ги немаше поцрвенетите Фабио Канаваро и Дино Баџо.
 
Во 73. минута од реваншот Алан Богосјан даде гол за 1:3 и Парма отиде во следното коло. Таму ја совладаа Висла Краков (1:1 и 2:1) а потоа и шкотскиот Ренџерс (1:1 и 3:1). Во четвртфиналето, момците на Алберто Малезани играа против силниот Бордо со Вилтор и Мику и загубија 2:1, но дома ги прегазија Жирондинците со 6:0.
 
После тоа невозможно беше некој да ги запре Млекарите. Во полуфиналето го минаа Атлетико Мадрид со две победи 2:1 и 3:1 а во московското финале на Лужники последниот танц го одиграа Креспо, Ваноли и Киеза. Парма го совлада Марсеј (со Лоран Блан и Пирес) 3:0.
 
Во сезоната 2015/2016, Парма поради банкрот беше исфрлена во Серија Д, италијанската четврта аматерска лига минатото лето. За помалку од една година успеаа да се вратат меѓу професионалнците и од септември ќе играат во Серија Ц.
 
Џиџи Буфон

Во сезоната 1998/99 кога Парма го освои Купот на УЕФА Џиџи имаше 21 година. Бранеше на 11 средби и прими 10 голови. Денес има 38 години и е капитен на Јувентус.

Роберто Сенсини

Со 32 години Роберто Нестор Сенсини беше еден од поискусните во Парма. Во фамозната сезона 98/99 одигра 10 средби. Во моментов има 49 години и работи како спортски директор на Њуелд Олд Бојс.

Фабио Канаваро

Канаваро имаше 25 години и се појави на 8 меча. Во моментов има 42 години, а до февруари годинава го тренираше арапскиот клуб Ал-Наср.

Паоло Ваноли

Ваноли беше класичен лев бек. Одигра 7 меча во УЕФА купот и даде 1 гол. Тогаш имаше 26 години, а денес на 43 е селектор на италијанската репрезентација до 19 години.

Антонио Бенариво

Бенариво имаше 30 години и со Ваноли се менуваа на левата страна. Одигра 7 меча во Купот на УЕФА. Денес има 47 години, положи испит за тренерски сертификат УЕФА ПРО, но сè уште не тренирал никого.

Луиџи Сартор

Сартор играше десно и на средина во одбраната. Со 24 години беше меѓу помладите во составот кој го крена трофејот во Купот на УЕФА. Денес има 41 година, а јавноста се запрепасти кога полицијата во 2015. година го уапси поради насилство врз поранешната сопруга и го осуди на 9 месеци условна казна.

Роберто Муси35 годишниот Муси го крена трофејот во Москва по освоеното финале против Марсеј и тоа за него беше најголемиот трофеј во кариерата во која забележа и 11 настапи за Италија. Како 52-годишен во моментов е потпретседател на клубот Масезе во Серија Д.

Лилиан Турам

Легендарниот Французин одигра 11 натпревари и беше најзаслужен за одличната одбрана на Парма во Купот на УЕФА. Денес има 44 години, амбасадор е на UNICEF, борец е за рамноправност и поддржува еднополни бракови.

Дино Баџо

Дино Баџо, одличниот техничар од средниот ред на италијанската репрезентација, одигра 8 меча во УЕФА, имаше 27 години кога Млекарите го освоија второто по ранг европско натпреварување. Денес има 44 години и игра во ветеранските, аматерски лига. Немал намера да стане тренер.

Хуан Себастијан Верон

Човекот кој како дете тренирал заедно со Мартин Палермо, не претпоставувал дека со 24 години ќе биде еден од најдобрите фудбалери во Европа и ќе го освои Купот на УЕФА. На 41 година е претседател на Естудијантес, а сè погласно се зборува дека сакал да стане претседател на Лацио.

Ален Богосјан

Богосјан имаше 28 години и важеше за важна алка во средниот ред на тимот од Енио Тардини. На 8 меча постигна 1 гол. Денес на 45 години игра голф и коментира втори европски лиги на Еуроспорт.

Диего Фузер

Со сигурност командант на средниот ред на Жолто-сините. Играше и како полушпиц и во срцето на средината и на крило. Во УЕФА во 1998/99 дигра 9 меча. Денес на 47 години работи како експерт и игра за ветераните. И натаму е најомилен меѓу навивачите на Парма.

Марио Станиќ

Единствен претставник на балканската фудбалска школа во Парма. Оидгра 6 меча во Купот на УЕФА како 27-годишник, а денес 17 години подоцна е скаут на белгискиот Бриж.

Стефано Фиоре

Фиоре играше како полушпиц или десно кирло. На 10 меча во УЕФА постигна два гола. Со 24 години стигна до трофејот. Сега како 41-годишен работи како коментатор за италијанскиот Скај Спорт.

Хернан Креспо

Во Европа на големо почна да се пишува за новата аргентинска ѕвезда која со 23 години ги решеташе противничките мрежи. На 8 меча во Купот на УЕФА постигна 6 гола и беше најзаслужен што Парма го освои ова натпреварување. До март 2016-та година беше тренер на второлигашот Модена. Има 40 години.

Абел Балбо

Го доби прекарот „Стариот лисец". Со 32 години редовно ги матираше голманите а во историската сезона во Купот на УЕФА постигна 4 гола на 11 меча. Денес на 49 години работи како фудбалски коментатор на италијанскиот РАИ.

Енрико Киеза

28 години имаше Енрико Киеза и на 8 меча постигна 8 голови во сезоната 1998/1999 во Купот на УЕФА. До јуни минатата година ги тренираше младинците на Сампдорија. Има 45 години.

Алберто Малезани

Тогаш 44-годишниот Малезани беше главен тренер. До март 2014-та година го тренираше Сасуоло а потоа се посветил на вино и виногради во Тоскана. На 61 година има богата тренерска кариера и веќе исвесно време не е инволвиран во оваа професија.