Шпиунски игри и во Мадрид

По неодамнешната информација за шпиунажата во таборот на Каталонскиот клуб, шпанскиот весник „Sport.es" открива сличен скандал и во таборот на Кралевите кој се случил во 2006 година, кога се одржувале претседателските избори во Реал Мадрид.

Не помина ниту еден месец од последните шокантни вести околу шпиунирањето на раководните луѓе на Барселона во периодот од 2005 до 2008 година и од Шпанија одекна уште една неочекувана вест за скандал поврзан со Реал Мадрид кој се случувал во истиот период.

Весникот „Sport.es" тврди дека Хуан Мигуел Вилар Мир кој бил еден од кандидатите на претседателските избори во Реал Мадрид во 2006 година, признал дека го следел победникот на изборите Рамон Калдерон и дека имал приватни информации за него и неговата фамилија.

Работата потекнала од Даниел Сантос сопственик на компанијата „Estate Area", која е дел од корпорацијата предводена од Вилар Мир. Токму Сантос бил човекот кој побарал од својот партнер да го прати секој чекор на Калдерон.

Овие обвинувања ги потврди и самиот Калдерон со два статуси на својот профил на Твитер: „Моите ќерки и мојата сопруга беа следени и набљудувани 9 месеци, а компанијата која ме следеше за тоа потроши милион евра", пишува Калдерон.

Шпанскиот весник пренесува дека постојат повеќе од 20 големи кутии полни со стотици слики од Калдерон и неговата фамилија.

Инаку ова е трета афера поврзана со шпиунирање во двата големи шпански фудбалски гиганти. Минатиот месец се појави шокантна вест за шпиунските игри на челните луѓе на Барселона, а по само неколку дена шпанските медиуми тврдеа дека Гвардиола преку детективска агенција ги следел приватните животи на фудбалерите.

7 март 2013 - 17:09