Лустрација на Вајат Ерп

Вајат Ерп е еден од најиконичните американски делии: ја зема правдата во една, пиштолот во друга рака и оди да го тепа олошот. Сè е тоа фино само што - нема врска.

Постарите веројатно го запознале преку легендарниот филм "Пресметка кај ОК коралот" од 1957-ма каде го толкуваше Берт Ланкастер, помладите можеби преку Курт Расел во Tombstone (1993-та) или Кевин Костнер во Wyatt Earp (1994-та). Се најавува дека следен Ерп ќе биде Харисон Форд кој ќе го толкува ликот на легендарниот шериф во екранизирање на новелата Black Hats од 2007-ма.

Но, не е Холивуд виновен за искривување на сликата која западната култура ја има за овој човек туку - самиот тој. Пред 85 години Вајат Ерп седнува со надежниот сценарист Стјуарт Лејк и почнува да му ги диктира мемоарите во кои храбро ја ретушира сликата за самиот себе како одважен и правдољубив херој кому правдата му е при срце исто колку што револверот му е при рака.

Неколку години подоцна, Стјуарт ги продава мемоарите на Фокс и оттогаш сликата за американскиот херој се ембедира во западната поп култура.

А во ниедна од овие стории нема неколку битни факти од неговиот живот: во младите години е осудуван за кражба на коњи и банчење со проститутки, од еден град во Тексас е протеран откако пробал обичен камен обоен во жолта боја да го продаде како злато а на силите на редот им се придружува не заради вроденото чувство за правда туку поради фактот дека во тоа време тоа било еден од најдостапните начини да се заработи некој долар.

Дека криминалот не бил само младешка лудорија на Вајат Ерп сведочат и случувањата во неговите зрели години кога е осудуван заради местење боксерски натпревари или кога е фатен дека организира илегални коцкарски игри, на свои 63 години.

Но, познанството со битни фаци од тогашниот нем филм му помага да ја испегла сликата за себе и успешно го користи Холивуд како алатка за разубавување на својот лик и дело. 

25 јули 2013 - 13:58