Се запознаваме со Група Ц на Светско првенство: Аргентина, Саудиска Арабија, Мексико и Полска

Стигнавме до станицата „Ц“ - група во која ќе игра најдобриот фудбалер на денешницата. Ќе биде интересно да се види како „гаучосите“ ќе се справат со Полска на Левандовски, со непознатата Саудиска Арабија и со секогаш незгодниот Мексико.

АРГЕНТИНА

Вечниот фаворит и натаму се прашува - дали конечно дојде време новата генерација „гаучоси“ да се израдува на највредниот златен пехар на светот.

Ако се суди според она како Аргентина играше од Мундијалот 2018 во Русија до денес, тогаш дефинитивно може да се каже дека се меѓу ТОП3 фаворити за врвот. И според резултатите и според широкиот состав.

После цели 28 конечно ја освоија Копа Америка (пан-дан на Европско првенство во Јужна Америка), пехар кој Меси го прослави најмногу од сите негови освоени трофеи во кариерата.

После пет изгубени финалиња во последните две децении, Аргентина долго го славеше златото освоено на Копа Америка по триумфот 0:1 против Бразил среде Рио де Жанеиро.

На Светско во Катар доаѓаат од второ место во јужно-американските квалификации каде имаа одлични резултати.

Селектор им е Лионел Скалони, човек кој имаше просечна играчка кариера а на жешката клупа на „гаучосите“ седна од нигде никаде, како гром од ведро небо. Прво беше в.д. селектор, а по резултатите и амбиентот кои ги подоброи, му го продолжија договорот.

Тој е првиот селекто што им донесе пехар после 1993-та!

Аргентина игра во формација 4-3-3 и 4-2-3-1, првата против појаки ривали, а втората кога се очекува да имаат поголем посед на топка. Барем од она што досега го играа под Скалони.

Составот е ѕвезден: Лионел Меси, Анхел Ди Марија, Лаутаро Мартинез, Анхел Кореа (влезе во последен момент наместо повредениот шпиц на Интер Хоакин Кореа). Притоа од конечниот состав отпаднаа уште и Џовани Ло Селсо кој беше предвиден за прв тим и е важна карика за селекцијата, како и Нико Гонзалес, крилото од Фиорентина.

„Нам Аргентинците ни е тешко да го сочуваме спокојот. Сега постојано сме меѓу кандидати за титула, а не беше секогаш така. Светско првенство е многу тежок турнир. Треба многу да жртвуваме за победа. Многу екипи сакаат да го освојат истото што и ние. Ако не играме најдобро што знаеме, многу можат да не спречат“, изјави Меси пред Светското во интервју за DIRECTV.

КАКО ИГРААТ ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ?

Од јуни месец па наваму, Албиселесте одигра 4 меча. Во тн. Финалисима (нов измислен турнир од ФИФА и УЕФА) Аргентина го декласираше европскиот првак Италија со 3:0. Подоцна на пријателски средби беа убедливи со Естонија (5:0), Хондурас (3:0) и Јамајка (3:0).

Календар
22 ноември: Аргентина - Саудиска Арабија, 26 ноември Аргентина - Мексико, 30 ноември Полска - Аргентина.

САУДИСКА АРАБИЈА

Селекција скоро редовен учесник на Светски првенства, но никогаш меѓу прогагонистите. Првпат на Мундијал се појавија во 1994-та. Имаат пет учества и вкупно 3 победи: сензационално сите 3 триумфи им беа на Светското во САД кога се пласираа во осминафинале и го зачудија светот.

Во азиската конфедерација се играа три рунди квалификации. Во втората фаза Саудиска Арабија заврши на прво место во група со Узбекистан, Палестина, Сингапур и Јемен. Во трета рунда беа прво во далеку посериозна група со Јапонија, Австралија, Оман, Кина и Виетнам.

Селектор им е 54-годишниот Французин Ерве Ренар, специјализиран за африкански репрезентации во минатото. Ренар работел два пати во Замбија, беше селектор на Брег на Слонова Коска и на Мароко. Освои Куп на Африка со Замбија во 2012 и со Брег на Слонова Коска во 2015-та. Со Мароканците стигна до 1/4 финале на Африканскиот Куп и за првпат ги одведе на Светско после 20 години.

Саудиска Арабија ја води од 2019-та.

ФОРМАЦИЈА

Саудијците, кои се големи анонимци за европската публика, играат во поставеност 4-3-3. Сите фудбалери им се од домашното првенство, а меѓу нив е и Ал Мувалад кој може да се пофали со два меча за шпански Леванте, Салем Ал Досари кој играше за Виљареал и Ал Шахрани легендата на Ал Хилал.

Во последно време одиграа шест пријателски: 1:0 ја победија Македонија, одиграа нерешено со Еквадор (0:0), САД (0:0) и Албанија (1:1), а изгубија од Колумбија (0:1) и Венецуела (0:1).

Календар

22 ноември: Аргентина - Саудиска Арабија, 26 ноември: Полска - Саудиска Арабија, 30 ноември: Саудиска Арабија - Мексико.

МЕКСИКО

Неверојатно, но вистинито, Мексико е единствена репрезентација покрај Бразил која секој пат од 1994-та поминувала група на Светско првенство. А не им било лесно скоро никогаш.

Во Русија 2018-та во конкуренција со Германија и Шведска поминаа група, но подоцна во нокаут фаза им фали континуитет. Од 2019-та на клупа им е ветеранот Херардо Тата Мартино кој едно време ја водеше и Барселона со Меси а беше и селектор на Аргентина, тренер на Атланта во САД.

Во минатото Мартино освоил титула во првенството на Парагвај, во лигата на Аргентина, а има и Суперкуп на Шпанија, како и титула во МЛС лига и Златен Куп КОНКАКАФ. Но со него Мексико има многу променливи резултати и се чини дека решавачки меч ќе им биде оној првиот, против Полска.

КОИ ИМ СЕ ГЛАВНИ ЅВЕЗДИ?

Со сигурност цела мексиканска нација најмногу очекува од Ирвинг Лозано, соиграчот на Елмас од Наполи, од ветеранот на голот Меме Очоа, од центарфорите Уриел Антуна (25) од Круз Азул и од Раул Хименез.

Лозано сезонава за сега има 3 гола и 3 асистенции за Наполи, Очоа на 20 меча во мексиканскиот клуб Америка примил 21 гол а Раул Хименез по страшниот и тежок прелом на череп во 2020-та година одигра 297 минути сезонава за Волвс во Премиер лига.

КАКО ИГРААТ ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ?

Од јуни имаа 6 меча. Во Лига Нации КОНКАКАФ го добија Суринам (3:0) и ремизираа со Јамајка (1:1). На пријателски ги победија Ирак (4:0) и Перу (1:0) а изгубија од Парагвај (0:1) и од Колумбија (2:3).

Календар:

22 ноември: Мексико - Полска, 26 ноември: Аргентина - Мексико, 30 ноември: Саудиска Арабија - Мексико.

ПОЛСКА

Полјаците за волја на вистината на последните пет големи натпреварувања играат „реда ради“ затоа што само еднаш поминаа група. Капитенот Роберт Левандовски никако да добие поддршка од селекцијата да го направат клучниот чекор да се пласираат во нокаут фаза.

Квалификациите не ги поминаа најлесно иако завршија втори зад Англиј во група во која беа уште и Албанија, Унгарија, Андора и Сан Марино.

Требаше да играат бараж со Русија во Москва но поради воената состојба во Украина и одлуката на ФИФА да ја суспендира руската репрезентација, Полјаците куртулија од гостување во Москва па чекаа исход од второто полуфинале меѓу Шведска и Чешка кое го добија Швеѓаните со гол дури во 110’ минута.

На крајот Полска во финалето на баражот на домашен терен во Хажов лесно се справија со Шведска, победија 2:0 и без поголеми маки отидоа на Светско 2022.

Селектор на Полска е тренер познат само во оваа земја - Чеслав Михневич (беше тренер на Легија Варшава), кој ја презеде репрезентацијата по чудното и неочекувано бегство на Португалецот Пауло Соуса кој иако имаше добри резултати како селектор, реши да прифати богата понуда да го води бразилскиот клуб Фламенго (таму доби отказ после само неколку месеци).

Полјаците имаат добар напад со снажните Левандовски, Карол Швидерски, Пјонтек и Милик и претежно играат на високи, долги топки кон нив.

Во составот се и искусните: Војчех Шчесни, Лукаш Скорупски, Камил Глик, Криховијак, Шимански, Пјотр Зелински...

КАКО ИГРААТ ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ?

На последните натпревари во Лига Нации два пати го победија Велс (2:1 и 0:1), ремизираа 1:1 со Холандија на гости а дома изгубија од „лалињата“ 0:2. Запишаа и два порази од Белгија (6:1 и 1:0).

Календар:

22 ноември: Мексико - Полска, 26 ноември: Полска - Саудиска Арабија, 30 ноември: Полска - Аргентина.

Се запознаваме со група А на Светско 2022: Катар, Еквадор, Сенегал, Холандија

Се запознаваме со Група Б на Светско првенство: Англија, Иран, САД, Велс

18 ноември 2022 - 13:17