Да си поплачеме: Се враќаат машките кратки шорцеви

Том Форд директно кажа дека мажите „не смеат да носат шорцеви во град.” Фран Лебовиц со право ги нарече „одбивни”, и да се разбереме: машките КРАТКИ шорцеви се је-зи-ви. Среќа долго време се „срамота” да ги носиш. Зошто тогаш сакаат да ни ги вратат?

Се популаризираа во ’70-ти, од обични скратени фармерки, со свои историски моменти во поп-културата. Пол Њумен и Роберт Редфорд играат пинг понг во шорц, на снимањето на Butch Cassidy and the Sundance Kid, Мик Џегер знаеме, па современи воздишки по Џон Ф. Кенеди Помладиот со бумбокс во рака и само шорцеви. 

Сè одека не дојде Мајкл Џордан да нè избави од лукавите кратки, машки панталончиња кои сè некако се закануваа дека ќе покажат повеќе отколку што треба. Мајкл Џордан во ’90-ти почна да носи подолги шорцеви на терен, претворајќи ги широките шорцеви до колена во светски тренд и за тоа треба да му бидеме вечно благодарни.

Сепак.

Дојде 2018-та и она сака да ни го расипе раатот.

Еден сопственик на продавница за машка гардероба, Џош Песковиц, веќе долго време навива за кратките шорцеви (иако самиот не ги ставил на себе). „Јас не носам шорцеви, но мислам дека се многу прикладни за летно време,” вели тој, ризикувајќи некој да му поверува. „Мислам дека им одговара на повеќето мажи. Откако ќе пораснеш, шорцевите не смеат веќе да ти бидат под колената.”

Значи многу над колената?!

И спортските продавници почнуваат да нудат пократко. Наводно, подолгите шорцеви, ем те успорувале на трака за трчање, ем во животот.

Надвор од модата и спортот, трендот го прифаќаат и обичните луѓе. Материјали има од сите видови и варијанти.

Дури и ако ви личи во ред на слика, тоа се често местени, професионални фотографии, од луѓе што знаат да сликаат и да се сликаат. Замислете го комшијата од карши како менува сијалица во влез, на скала, во вакви:

Нели?

Во филмот Call Me By Your Name главните ликови се облечени во еден момент баш во кратки шорцеви и луѓето ширум светот се размуабетија на таа тема. Заклучокот? Кратките шорцеви нудат удобност, и тоа не само физичка удобност, туку и удобноста на носталгијата. Оние денови со распуст, без одговорност, без обврски, па Вог се прашува: Ако нешто те враќа во некое подобро време, зошто да не го носиш?

Off Café има одговор: затоа што е машки кратки шорцеви, затоа да не го носиш. 

13 август 2018 - 11:16