За тие што мислат дека вештачката интелигенција е закана за уметниците

Анонимната објава е од група со наслов „Уметници против генеративна вештачка интелигенција“ и е сведоштво за тоа како ВИ не успева кога луѓето што ја користат не ги бива без неа.

Јас сум уметнички директор и супервизор за големо студио. Одговорните имаа брилијантна идеја да вработат луѓе што ќе командаат ВИ за проектот. Донесоа неколку дечки на филмски проект. Апсолутно се мразев себеси што не дадов отказ на лице место, затоа што е тешко за работа, а имам деца за гледање итн.

Решив мудро да го искористам времето. Да ги третирам како било кој друг артист што би го ангажирал.

Доаѓа првата тура слики од шумски пејсаж и не е лошо. Доставуваат еден куп материјал и една-две слики од 40 се океј. Скоро па како што е побарано од нив. Доаѓа првата рунда фидбек и им кажувам за грешките во перспектива, промените на бои што ги барам и слоевите на кои секоја слика би била поделена. Во рок од еден ден добивам варијанти. Не промени на тие слики што ми требаа, туку варијанти. Повторно. Ајде добро, им давам уште една тура фидбек за да им разјаснам. Следниот ден е бетер. Трпеливо седам таму и бојам преку сликите, дури ги објаснувам и чекорите што би ги преземал. Не го прават тоа и почнуваат да се појавуваат аномалии кога ќе кажам дека ја сакам истата слика, но со измени.

Не можат.

Едноставно немаат око да ги видат базичните грешки, па ВИ почнува да претерува. Почнуваат луѓе да се појавуваат на сликите.

„Тргнете ги луѓето.“

„Со што сакате да ги смениме?“

„…со трева. Не сакам да има луѓе.“

Не можат. Тој едниот што разбира фотошоп, нема развиено око за да си ги види грешките, и на крај ми се лути што не разбирам дека не може да направи одредени промени. Девојката што малку се разбира од фотографија ми дава 40 прогресивно полоши слики, со поужасни грешки секој нареден пат. Ова е веќе четири дена од почетокот на проектот.

Во исто време се нервирам што трошиме време, но и се радувам што гледам како ВИ потфрла на првата пречка. Не е ни до тоа дека сликите не можат да се искористат - луѓето што ги прават немаат око за проблемите, немаат доволно дебела кожа да издржат конструктивна критика и фидбек, немаат поминато основна обука за перспектива и функционалност за тоа што го прават.

Да, возбудата околу ВИ ќе ѝ донесе уште пари. Ќе ја гледаме уште некое време. Но, ова беше така сјаен, совршен момент за гледање како фундаментално не успева соочена со наједноставни задачи.

Сите ги отпуштија и компанијата веќе не прима ВИ промптери како вработени.

Вашата обука како дизајнер и уметник секогаш ќе биде најважен дел од процесот и непроценлива е. Се надевам дека објавава ќе ве охрабри во вакви мрачни времиња.

25 април 2024 - 00:00